Во тек гласањето за шеф на ОЈО ГОКК — Савески: „Кој и да биде избран нема да биде погрешен избор“
187 јавни обвинители избираат нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција

Денеска вкупно 187 јавни обвинители го остваруваат своето право на глас за избор на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Гласањето се врши во Републичкото обвинителство и во четирите виши обвинителства по апелациони подрачја во Скопје, Гостивар, Штип и Битола.
Според избирачки одбори во скопските избирачки места, гласањето се одвива непречено и според утврдената процедура.
По остварено право на глас
Државниот обвинител Ненад Савески денеска го оствари правото на глас и го оцени изборот како значаен демократски процес во кој јавните обвинители одлучуваат кој ќе го предводи ОЈО ГОКК.
„Се надевам дека направениот избор ќе биде јавен обвинител кој што ќе одговори доследно на задачите што стојат пред него и дека заедно ќе дадеме придонес пред се кон јакнење на довербата и јасно покажување на борба против организираниот криминал и корупцијата“, рече Савески.
Според него, сите пет кандидати се докажани професионалци. „Кој и да биде избран нема да биде погрешен избор“, додаде тој.
Гласањето ќе продолжи во утврдените простории на обвинителствата се до завршувањето на изборниот процес, по што ќе следи пребројување и соопштување на резултатите од надлежните тела.
Фото: прес-материјал од настанот


