Воени авиони на НАТО соборија дрон во воздушниот простор на Литванија
Литванија соопшти дека дронот влезе од Белорусија; претседателот и министерот за надворешни работи ја пофалија брзата реакција на сојузниците.

Воени авиони на НАТО соборија дрон во воздушниот простор на Литванија, соопшти рано утрово литванскиот претседател Гитанас Науседа.
„Им благодарам на припадниците на нашите сојузници за нивната брза реакција", напиша Науседа на Х. „Во момент кога Русија ја засилува својата агресија врз Украина, таквата подготвеност е од витално значење за нашиот регион. Заедно со нашите сојузници од НАТО, Литванија ќе го заштити својот воздушен простор", додаде тој, без да посочи од која држава е лансиран дронот.
Дронот падна покрај езерото Каунас, сојузниците добија благодарност
Литванското национално радио LRT, повикувајќи се на прелиминарни податоци од Националниот центар за управување со кризи, објави дека дронот влегол од соседна Белорусија и се движел кон запад. Тој паднал во рурално подрачје во близина на езерото Каунас, во централниот дел на земјата.
„Изразуваме најискрена благодарност до нашите сојузници, чие присуство придонесува за заштита на нашиот воздушен простор и за зајакнување на нашата безбедност", напиша на Х литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис, кој додаде дека „НАТО останува буден, посветен и подготвен".
Во меѓувреме, генералштабот на полската армија соопшти дека ноќеска почнал „воздушни воени операции" над земјата поради удари нанесени од руски дронови врз соседна Украина.
Литванија, Летонија и Естонија — поранешни советски републики кои граничат со Русија — редовно регистрираат влегувања на дронови во нивниот воздушен простор. На 19 мај, воен авион на НАТО над Естонија собори украински дрон; тоа беше прво пресретнување на туѓ дрон во воздушниот простор на балтичка држава од страна на военовоздухопловната мисија на НАТО од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Според европски аналитичари, Русија намерно ги отклонува од нивниот курс украинските дронови кои се лансирани кон индустриски капацитети и нафтени терминали во регионот на Санкт Петербург, сместен на Финскиот Залив.
Фото: прес-материјал од настанот


