Вонредни инспекции во три болници по случајот со 19-годишната родилка која остана парализирана
Министерот Сашо Клековски нареди вонредни инспекции во Струмица, Штип и Скопје по повредата што ја остави млада родилка парализирана.

Министерството за здравство информира дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по налог на министерот Сашо Клековски, спроведува вонреден инспекциски надзор во трите здравствени установи каде што била лекувана 19-годишната пациентка.
Надзорот опфаќа Општата болница Струмица, Клиничката болница Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Од министерството наведуваат дека во наредните денови ќе биде прибрана целокупната медицинска документација од трите болници и ќе биде предмет на стручен преглед.
Стручни заклучоци и евентуални мерки
По обработката на документацијата, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе бидат составени заклучоците од стручниот надзор и, „доколку се утврдат пропусти, ќе бидат преземени соодветни мерки“, стои во соопштението. Истакнато е дека достоинството, приватноста и личните и медицинските податоци на пациентката ќе бидат заштитени, а јавноста е повикана да се воздржи од шпекулации и предвремени заклучоци додека траат постапките.
Притоа упатен е апел и до медиумите и до јавноста да го почитуваат достоинството на здравствените работници, оти евентуалната нивна одговорност може да се утврди единствено по завршувањето на стручниот надзор. Министерството најави дека по завршување на надзорите транспарентно ќе ги соопшти утврдените факти и понатамошните чекори.
Случајот се однесува на 19-годишна пациентка од струмичкото село Баница, која по царски рез изведен во Клиничката болница во Штип останала со параплегија и се движи со инвалидска количка. Таа е мајка на две деца.
Директорот на Клиничката болница Штип, Владко Захариев, соопшти дека пациентката по царскиот рез била испишана „во добра општа состојба“, а подоцна се јавила со слабост на долните екстремитети. Захариев додаде: "Ќе се формира стручен тим, ако се утврди лекарска грешка ќе има одговорност".
Фото: прес-материјал од настанот