Почетна
Македонија

Вработени во Основниот суд Куманово поднесоа пријава против претседателката Снежана Манев

Синдикатот тврди дека претседателката ги навредувала вработените на лична и национална основа и бара Судскиот совет да ја испита и да покрене постапка за разрешување.

·Македонија
Вработени во Основниот суд Куманово поднесоа пријава против претседателката Снежана Манев

Од 90 вработени во судската администрација на Основниот суд Куманово, 75 потпишале пријава против претседателката на судот, Снежана Манев, со обвинување за долготрајни навреди на лична и национална основа и мобинг, соопшти Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). Претседателот на синдикатот Трпе Деаноски денеска на прес-конференција побара оставка.

Синдикатот бара Судскиот совет веднаш да постапи

Вработените, кои според синдикатот излегоа пред судот за време на пауза за да го искажат незадоволството, тврдат дека секојдневно трпат тешки навреди и дека дел од нив се упатувале пред странки и граѓани. Во извештајот на Судскиот совет од 2023 година е забележано дека претседателот на Основниот суд Куманово „во голема мера ги има нарушено меѓучовечките односи во судот“.

„Говеда, џукели, глупи сте, ништо не знаете, ќе ве запалам, ќе ве ставам под нозе, прво ќе те умрам па ќе напуштам работа, вие од овој суд може да заминете само со брза помош, а пцостите кои ги упатува кон вработените мене лично ми е срам да ги изговорам. Вакви зборови секојдневно се упатуваат до вработените во судот и тоа најчесто пред странки и граѓани. Тоа се само дел од навредите кои секојдневно ги трпат вработените, а ги навредува и по верска и национална основа. Истото е евидентирано и во извештајот на Судскиот совет во 2023 година, односно дека претсдателот на Основниот суд Куманово во голема мера ги има нарушено меѓучовечките односи во судот“, изјави Деаноски.

Деаноски посочи дека вработените повеќепати се обраќале до Судскиот совет и до Министерството за правда, но без резултат. Тој додаде дека само двајца претставници од Судскиот совет дошле да проверат дали потписите се автентични, но не преземале мерки за однесувањето на претседателката.

„Бараме Судскиот совет веднаш да постапи по преставката на вработените и да ги штити нив, а не претседателите и судиите кои го штетат угледот на судството во државата. Да испитаат како претседател на Основен суд е избран без да помине психолошко тестирање. Да испитаат како може претседател на суд да се меша во ингеренции на администратори на вработени, да покажува интерес само за одредени предмети. Ја повикувам претседателката веднаш да престане со психички малтретирања на вработените и да си поднесе оставка. Го повикувам Судскиот совет сериозно да си ја сфати работата и да ги испита сите наводи од поднесената преставка. Да ги заштити вработените од влијанието на претседателката, да започне постапка за разрешување согласно предвидените закони за судови. Доколку тоа не се случи, сите колеги кои се зад мене ќе почнат протести, а спремни сме да го затвориме судот со штрајк“, изјави Деаноски.

Претседателката денеска не беше на работа. Нејзиниот заменик, Неџат Мемети, ги прими новинарите и предаде писмено соопштение во кое наведува дека нејзината отсуство е оправдано и дека организатори на протестот се тројца лица, а причината е изречена казна на судски администратор за несовесно вршење на работните задачи.

Во писменото соопштение претседателката напиша: „Наводите дека работната атмосфера е нарушена со незаконско и недолично постапување и однесување кон вработените се потполно неточни и невистинити. Јас раководам со судот согласно законските прописи и тоа Законот за судовите, Законот за судска служба, Судски деловник и останати акти, со кои е регулирано функционирањето на судот. Сакам да потенцирам дека наводите за вршење притисок од моја страна кон вработените се неточни, невистините, паушални и апстрактни, бидејќи, пред сè, во истите дури не е наведен ниту еден конкретен случај, кога и кон кого бил извршен наводен притисок“. Како дополнување, таа наведе дека поради континуирано намалување на вработените се врши реорганизација и поголемо ангажирање, а дел од вработените поддржани од судскиот администратор ги одбивале дадените задачи и имало непланско користење годишни одмори, продолжени боледувања и неоправдани отсуства за што имало поплаки од странките.

Писмото завршува со ставот на претседателката: „Јас раководам со судот во целина и имам обврска истиот да функционира пред сè за добро и во корист на граѓаните. Сите вработени во судот мора да бидат целосно посветени и максимално ангажирани при извршување на своите работни задачи. Јас како судија и претседател на судот, не прифаќам ништо помалку, ниту правам компромиси, точка“.

Синдикатот најави дека доколку проблемот не се реши во рок од осум дена ќе организира протести и штрајк. (С. Николиќ)

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи