Почетна
Македонија

За издавање апартмани се плаќа данок — УЈП ја започна кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“

УЈП ги повикува газдите на апартмани да пријавуваат месечни приходи и да плаќаат 10% данок, а пријавите се поднесуваат електронски.

·Македонија
За издавање апартмани се плаќа данок — УЈП ја започна кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“

Управата за јавни приходи ја почна кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“ со цел да ги потсети и едуцира приватните сопственици на сместување за краток престој кои ги пласираат услугите преку платформи како „Букинг“, „Ербиенби“, „Трип адвајзор“ или на друг начин, дека имаат обврска да ги пријават приходите и да платат данок. Акцентот е ставен на намалување на сивата економија преку континуирана едукација.

Процедури и рокови

Пријавата за приходите треба да се поднесе најдоцна до 10‑ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец, а данокот треба да се уплати до 15‑ти. На пример, доколку апартманот е издаден на крајот на јуни, а закуподавачот ги добил парите во јули, пријавата мора да се поднесе најдоцна до 10 август. Данокот на личен доход изнесува 10% на бруто приходот, а законот предвидува признати трошоци кои можат да ја намалат даночната основа до 15% кога се работи за издавање простор.

„Не е цел да Управата да ги казни сите, немаме ние никаква корист од тоа ако сите обврзници ги казниме затоа што не пријавиле нешто. Не ни е целта ни да ги уловиме да бидат казнети сите тие што не пријавуваат. Главната цел на УЈП е подигнување на свеста на граѓаните за почитување на принципот на самооданочување. Значи, целта е секој граѓанин да има лична свест и општествена одговорност сопствената обврска која што законот ја предвидува да ја испочитува. Последиците се нешто што е дополнително и тоа не би сакал ни да го коментирам. Секако дека постојат, но добро е воопшто да не стигнеме до таа ситуација“, вели Ѓорѓи Михаилов, даночен службеник во УЈП.

Пријавите задолжително се вршат електронски преку системот е‑персонален данок; граѓаните кои веќе имаат профил за скенирање „МојДДВ“ можат истиот профил да го користат и за оваа намена. За регистрација е потребна активна е‑пошта, а даночните службеници се на располагање за техничка помош.

„Значи 10 дена по истек на месецот во кој што е остварен приходот, без разлика кога е сместувањето направено. Во моментот кога парите ќе пристигнат на сметката на закуподавачот, тогаш настанува обврската за пријавување на плаќање на данок. Периодов фокус ни е да ги информираме граѓаните дека не само доколку издаваат на домашни лица и на домашен пазар дека имаат обврска да пријават и да платат данок. Не значи дека ако издаваат преку странските платформи дека тие пари се ослободени од пријавување и од плаќање данок“, додава Михаилов.

Лани вкупната заработка од приватно сместување за краток престој надминала 13 милиони евра, а УЈП наплатила повеќе од милион евра данок. За непочитување на обврските предвидени се казни до 250 евра, а во случаи на намерна затајување може да следува и кривична пријава.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи