За камионите да не избегнуваат патарина, ќе се воведува електронска наплата на регионалните и магистралните патишта
Наплатата ќе се врши со тагови и читање на таблички; автомобили и автобуси ќе бидат исклучени.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, најави воведување електронска наплата на патарини за камионите на регионалните и магистралните патишта преку фиксни портали опремени за читање на тагови и автоматско препознавање на регистарски таблички. Според него, автомобилите, автобусите и другите возила ќе бидат изземени од системот.
Цел: да се спречи избегнување патарини и оштетување патишта
Трајановски објасни дека мерката е насочена кон камионите кои ја избегнуваат наплатата на автопатите со пренасочување по регионални патишта. Како илустрација ја посочи трасата Маџари–Идризово: „На овој начин ја избегнуваат наплатната станица ‘Петровец’, но освен тоа ја нарушуваат безбедноста во населените места и ги оштетуваат патиштата“, рече тој во емисијата „Аргумент“ на Телевизија 24.
Наплатата, рече Трајановски, ќе се регистрира преку тагови поставени на возилата или преку читање на регистарските таблички на порталите, слично на тоа како се работи на брзите ленти на патарините. „Ќе мора секој камион да купи тагови. Ако не купува тагови наплатата ќе биде преку регистарската табличка. Во фаза на размислување е дали ќе плати исто или поскапо што ќе му дојде нешто како казна“, додаде тој.
Според студијата што ја подготвија заедно со Електротехничкиот факултет, со броење на возила на повеќе делници е утврдено дека ЈПДП годишно губи околу 20 милиони евра поради избегнување на наплатата од страна на камионите.
Трајановски рече дека во студијата се предвидени точните локации за поставување на порталите. Трошоците за имплементација не се конечни бидејќи проектот е во фаза на евалуирање. „Во секој случај она што го заштитуваме во однос на она што ќе го потрошиме ќе биде далеку помалку. Во една година што ќе добиеме сигурно дека таа сума ќе биде помалку од пола“, изјави тој, објаснувајќи ја логиката на инвестирањето и враќањето на средствата.
Претпријатието посочува дека мерките, покрај директните приходи, ќе го намалат оштетувањето на регионалните патишта и ќе ја подобрат безбедноста и проточноста во населените места кои служат како неформални пречки за возење на тешки товарни возила.
Фото: прес-материјал од настанот


