За половина година продадени станови во вредност од околу 300 милиони евра — пазарот на недвижности повторно расте
Извештај: околу 300 милиони евра за станови во првите шест месеци; во вториот квартал продажбите пораснале за 37%, а новоградбите за околу 40% на годишна база.

Во првите шест месеци од годината за станови во земјата се платени околу 300 милиони евра, покажува најновиот извештај на Агенцијата за катастар. Во истиот документ стои дека вкупното трошење за сите купопродажби на недвижности надмина 600 милиони евра, при што становите сочинуваат околу половина од сумата.
Пазарот забрза во вториот квартал
По поспориот почеток на годината, продажбите на станови забележаа забрзување: во вториот квартал продажбата на станови е зголемена за 37% во однос на првиот квартал, што укажува на продолжена побарувачка и покрај дискусиите за високите цени на квадратот.
Најголема активност во вториот квартал беше регистрирана во јуни, додека мај беше месецот со најслаба динамика. Извештајот дополнително нотира дека во повеќето општини во Скопје просечната цена за становите во старите градби е повисока отколку за становите во нови згради.
Најскапиот регистриран стан во вториот квартал е купен во Охрид — стара градба, по цена од 3.200 евра за квадратен метар; за 66 квадрати купувачот платил нешто над 211.000 евра.
Продажбата на новоизградени станови се зголеми: во вториот квартал годинава, во споредба со истиот квартал лани, продажбите на нови станови се зголемени за околу 40%. Кај закупнините ситуацијата е поинаква — евидентиран е пад на договорите за речиси сите категории, вклучително станови, куќи и деловни простории.
Цената на квадратот стана повторно широко дискутирана тема: градежниците ја објаснуваат со големата побарувачка, додека други велат дека потребни се нови локации за градба за да дојде до поевтинување. НБРМ го менуваше регулаторниот рамки — ја намали учеството при купување на прв стан, а го зголеми за секој нареден со надеж дека тоа ќе помогне во стабилизацијата на цените.
Напиша: Ирена Чачкова
Фото: прес-материјал од настанот