Почетна
Македонија

За влакно: доброволци го спасија Бонче од утрински пожар

Доброволни екипи од Битола и Кочани, со поддршка од Прилепската бригада и локалци, го спречија пожарот да влезе во селото Бонче.

·Македонија
За влакно: доброволци го спасија Бонче од утрински пожар

Доброволните противпожарни друштва (ДПД) од Битола и Кочани, со поддршка од локалното население и Територијалната противпожарна бригада од Прилеп, утрово со брза и координирана интервенција спречија пожарот да го зафати прилепското село Бонче.

Навремена распоредба и тешки услови на терен

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, објави видеоразговори со екипите и потврди дека селото е спасено благодарение на навременото превентивно распоредување на доброволците по линијата на огнот.

Пожарникарите од ДПД Битола зборуваа за исклучително агресивно однесување на огнот во раните утрински часови. „Има луѓе што 20 години гаснат пожари, но ова што го видовме во 5 часот наутро не сме го виделе досега. Огнот се движеше со голема брзина, со огнени јазици високи меѓу 3 и 4 метра и силен ветер кој постојано го менуваше правецот. Се бркавме со огнот, а чадот беше толку густ што мораше да се наведнуваме ниско до земјата за да го видиме пламенот. За време на гаснењето задолжително носевме гас-маски“, изјави претставникот на ДПД Битола, познат како Ченто.

До доброволците интервенираше и специјалното противпожарно возило на ДПД Кочани кое се движело по исклучително ризични терени; пожарникари гаснеле пламен буквално под тркалата на камионот. Неколкумина локални жители им ги покажувале шумските патеки на екипите за да се стигне до жариштата.

На терен имаше и екипа на Итната медицинска помош. Доктор Емилија во разговор со Ангелов потврди дека нема сериозно повредени — еден пациент бил краткотрајно задржан во болница поради полесна интоксикација со чад, по што бил пуштен и се вратил во селото.

„За влакно го спасивме селото. Огнот во еден момент крена и над 20 метри височина и се префрлаше на секои 10 метри, но успеавме да ги споиме огновите и да спречиме катастрофа“, додаваа доброволците Благојче Ѓоргиовски и Михаела Силјаноска. Ангелов искажа голема благодарност до околу 60-тина доброволци кои ова лето се постојано ангажирани преку тимовите на ДЗС и нагласи дека државата ќе продолжи да вложува во развојот на доброволните противпожарни сили.

Главниот дел од пожарот кај Бонче е ликвидиран и ставен под контрола, но попладнево еден крак краткотрајно се разгорел и со брза интервенција бил изгаснат.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи