Заменик‑директорот на ЈП „Национални шуми“ повикува: не купувајте огревно дрво од дрвокрадци
Михаилов предупредува дека евтиното нелегално дрво ги финансира организираните криминални групи и наведува 138 пожари регистрирани оваа сезона.

Заменик‑директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, повика граѓаните да не купуваат огревно дрво од лица кои го обезбедуваат преку нелегална сеча, предупредувајќи дека со секое такво купување директно се поддржуваат криминалните структури што ги пустошат македонските шуми.
Напади врз вработените и организирани групи
Михаилов посочи дека зад голем дел од нелегалната сеча стојат организирани групи кои не се двоумат да нападнат вработени во претпријатието и шумската полиција, а како пример го наведе случајот забележан ова лето во Штипскиот Регион.
„Сите оние кои ќе се дрзнат во иднина да кренат рака на овластено службено лице, треба однапред да бидат подготвени дека следи сериозна затворска казна, бидејќи станува збор за напад на службено лице“, рече тој, нагласувајќи ја криминалната природа на нападите врз службените лица.
Заменик‑директорот признa дека понекогаш во криминалните схеми се вмешани и лица од редовите на претпријатието. „Да, се уште има наши вработени, за кои за жал утврдивме одредени конекции со криминалните структури и онаму каде што тоа ќе го детектираме, нема пардон. Веднаш се отпочнува постапка по однос на она кое што го имаме како докази и имаме суспензии, кривични пријави и дисциплински постапки“, додаде тој.
Покрај штетите од дрвокрадците, Михаилов подвлече дека македонските шуми секоја година претрпуваат големи загуби и од пожари предизвикани од пиромани. Тој информира дека минатиот месец ЈП „Национални шуми“ регистрирало вкупно 138 шумски пожари досега во оваа сезона, а пустошот од огнените јазици ова лето се мери со стотици хектари; штетите допрва ќе се утврдуваат.
Михаилов ги повика граѓаните да не прифаќаат евтинo дрво продавано на улица и да пријавуваат сомнителни активности кај надлежните, нагласувајќи дека намалувањето на побарувачката на нелегално дрво е клучно за слабеење на криминалните групи.
Фото: прес-материјал од настанот


