Започна обновата на две улици во Горно Лисиче
Општина Аеродром асфалтира делови од „Ѓорѓи Капчев 22“ и „Божин Николов“ во рамки на проект за реконструкција на 18 улици.

Општина Аеродром започна градежни работи за реконструкција на две улици во Горно Лисиче, со кои ќе се обнови коловозот и ќе се замени тампонскиот слој на кратки делници.
Првата делница е „Ѓорѓи Капчев 22“ — во должина од 221 метар, каде ќе се асфалтира површина од 838 квадратни метри. Паралелно ќе се работи и дел од улицата „Божин Николов“, во должина од 268 метри и со вкупна асфалтна површина од 994 квадратни метри.
Подобрување на основата за подолготрајна инфраструктура
По отстранувањето на стариот асфалт, на двете улици ќе се изврши замена на тампонскиот слој со дебелина од 30 сантиметри, со цел да се обезбеди поквалитетна, побезбедна и подолготрајна патна инфраструктура. Овие активности се дел од проектот за реконструкција на 18 улици на територијата на Општина Аеродром.
Реконструкцијата ја најави градоначалникот Дејан Митески пред околу една година, кога ги објави проектите за кои доби средства од Владата и кои беа избрани на вториот јавен повик.
Општинските власти велат дека работите се спроведуваат во фази, низ повеќе населби. Со месеци се бележат паркинзите во Ново Лисиче и сè уште нема датум за почеток на зонското паркирање.
Фото: Општина Аеродром