Почетна
Спорт

Започнува „Навивај за Неа“ — кампања за полни трибини на женскиот спорт

Кампањата, дел од проектот „Фер игра“ и поддржана од ЕУ, цели да создаде редовна публика за женските спортови.

·Спорт
Започнува „Навивај за Неа“ — кампања за полни трибини на женскиот спорт

Скопје, 30.10.2026 — Започнува кампањата „Навивај за Неа – Полните трибини создаваат идни шампионки“, чија цел е да ја зголеми видливоста и популарноста на женскиот спорт и да поттикне поголема посетеност на женските спортски натпревари.

Кампањата се реализира како дел од проектот „Фер игра – поддршка за родова еднакост во спортските политики“, кофинансиран од Европската Унија. Проектот го спроведува Македонскиот олимписки комитет, во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка, Спорт Соушал Солушнс и Параолимпискиот комитет.

Цели и опфат

Организаторите наведуваат дека кампањата е одговор на еден од клучните предизвици пред кои се наоѓа женскиот спорт — недоволната јавна и медиумска видливост и низоката посетеност на натпреварите. И покрај резултатите, посветеноста и успесите на спортистките и женските тимови, нивните натпревари сè уште поретко се промовираат и често се играат пред недоволно исполнети трибини.

„Навивај за Неа – Полните трибини создаваат идни шампионки“ има за цел да ја мобилизира јавноста и да создаде навика женскиот спорт да се следи и поддржува како редовен дел од спортската и медиумската понуда. Поголемата публика значи поголема видливост за спортистките и клубовите, поголем интерес од медиумите и подобри можности за привлекување партнери и спонзори за долгорочен развој.

Кампањата ги опфаќа женската кошарка, фудбал, ракомет и одбојка. Во соработка со националните спортски федерации е подготвен календар на избрани женски натпревари, кој е во прилог на оваа информација. Ги повикуваме медиумите, институциите, компаниите, граѓанските организации, навивачките групи и, пред сè, граѓаните да го следат календарот, да ги посетат натпреварите и активно да ја поддржат кампањата.

Во рамки на „Навивај за Неа“ ќе се реализираат медиумски и дигитални активности, промоција на избрани натпревари, видео и радио содржини, како и директно вклучување на спортистки, јавни личности, навивачки групи, институции и други поддржувачи на женскиот спорт. Целта не е само еднократно да ги наполниме трибините, туку постепено да се создаде нова и редовна публика и да се понудат позитивни модели за децата и младите, особено за девојчињата.

Нашиот повик е едноставен: следете го календарот, изберете натпревар и дојдете да навиваме заедно. „Навивај за Неа – Полните трибини создаваат идни шампионки.“

Огнен Дојчиновски

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи