Засилени акции против дрвокрадството: запленети 734 метри кубни дрва, поднесени 147 пријави
Во акциите во текот на октомври одземени се 734 м³ дрва и поднесени се 122 прекршочни и 25 кривични пријави.

Во интензивираните акции на Шумската полиција што се спроведуваа во текот на октомври, запленети се вкупно 734 метри кубни дрвна маса и поднесени се 147 прекршочни и кривични пријави, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Најмногу даб и бука
Од вкупно одземената количина, 288 метри кубни се даб, а 274 метри кубни се бука. Преостанатиот дел се состои од 51 кубен метар мешано дрво и 121 кубен метар техничко дрво (трупци).
Во рамките на акциите, Шумската полиција привремено одзеде 11 товарни и 15 патнички моторни возила, осум трактори, 13 приколки и 18 моторни пили.
До надлежните судови беа поднесени 122 прекршочни пријави, а до Основното јавно обвинителство 25 кривични пријави.
Министерот Борче Серафимовски порачува: "Од дрвокрадството заработуваат поединци, а штетата ја трпат сите граѓани. Затоа продолжуваме со засилените контроли и одлучно ќе се постапува против секоја незаконска активност со која се уништуваат шумите. Ќе бараме одговорност и од оние што бесправно сечат и од оние што ги препродаваат дрвата. Шумите се заедничко богатство и наша обврска е да ги заштитиме."
Министерството наведува дека контролите ќе продолжат како дел од константната превентивна и репресивна работа против нелегалната сеча и трговија со дрвна маса.
Фото: прес-материјал од настанот


