Затворен дел од автопатот Солун–Евзони поради уривање на надвозник
Делницата помеѓу Агиос Атанасиос и Поликастро е блокирана поради уривање на надвозник; возачите се пренасочуваат по старата траса.

Дел од автопатот Солун–Евзони (A1) е затворен во двата правци по уривање на надвозник близу Ватилакос и останува блокиран до понеделник, 23 ноември 2026 година. Забраната се однесува на делницата меѓу клучките Агиос Атанасиос и Поликастро.
Пренасочување и временски рок
Според сообраќајната полиција на Солун, ограничувањето започнало во петок, 20 ноември, во 8:00 часот, а се предвидува да трае до понеделник во 12:00 часот по грчко време, односно во 11:00 часот по македонско време. Уривањето е регистрирано на стационажа 14+200 како дел од проект за модернизација на патот долг 44 километри.
Возачите од Северна Македонија кои патуваат кон Солун, како и оние што се враќаат, се пренасочуваат кај клучката Агиос Атанасиос преку патот Солун–Едеса, а потоа по стариот пат Солун–Евзони низ Гефира, Прохома, Кастанас и Акропотамос до Поликастро. Самиот граничен премин Евзони–Богородица не е затворен — ограничувањето важи само за делот од автопатот на грчка територија, соопшти компанијата Nea Egnatia Odos.
Грчката државна телевизија ERT објави снимки од подготовките за уривање на надвозникот. Жителите на блиските населби во изјави за телевизијата искажаа загриженост поради пренасочувањето на тешките товарни возила низ нивните села и поради брзината со која се движат дел од возачите.
Од Сообраќајната полиција на Солун ги повикуваат возачите "да бидат особено внимателни и да ја почитуваат сообраќајната сигнализација" за да се избегнат несреќи. Полицијата најави дека ќе го следи текот на работите и ќе презема мерки за регулирање на сообраќајот во соработка со компанијата што го управува автопатот.
Фото: прес-материјал од настанот


