Почетна
Македонија

Завршувањето на подната фонтана на Плоштадот Македонија зависи од увозот на опрема

Градот планира фонтаната да биде готова до 1 септември за концертот на Хосе Карерас по повод 35 години независност, но дел од опремата се увезува од странство.

·Македонија
Завршувањето на подната фонтана на Плоштадот Македонија зависи од увозот на опрема

Од Град Скопје велат дека се работи со цел подната фонтана на Плоштадот Македонија да биде завршена до 1 септември, кога е предвиден концертот „Хосе Карерас и македонскиот ол-старс“ во рамките на одбележувањето на 35 години независност, но конечниот рок зависи од тоа кога дел од опремата што се увезува од странство ќе пристигне во земјава.

Градежните работи на фонтаната започнаа на 29 јуни. Градот потсетува дека фонтаната со години не работеше и дека во минатото се случуваа инциденти при кои возила пропаѓаа низ површината.

Технички реконструкции и нови носечки профили

„Реконструкцијата се одвива со засилена динамика, но поради сложеноста на самиот зафат, процесот бара повеќе време. Станува збор за комплексен систем кој вклучува специјализирана опрема произведена во Германија, како и автоматизација што бара детален сервис и повторно усогласување. Покрај сервисирањето на опремата, се врши и суштинско конструктивно унапредување на фонтаната. Постојната носечка подконструкција, која беше изработена од пластични носачи што ги поддржуваа бетонските плочи со тежина од околу 100 килограми по елемент, се заменува со нова конструкција изработена од иноксни профили, проектирани за значително поголеми механички оптоварувања. Со ова трајно ќе се зголеми стабилноста на системот и ќе се намали ризикот од оштетувања какви што се случуваа во минатото при навлегување на возила врз површината на фонтаната. Новата конструкција веќе се изработува во специјализирана работилница, а нејзината монтажа на терен се очекува да започне во текот на наредните десетина дена, а потоа да се преземат останатите чекори“, велат од Град Скопје.

Во моментов делот од Плоштадот каде што се наоѓа фонтаната е целосно раскопан, отстранети се старите делови и се поставуваат нови. Од Градот го опишуваат зафатот како техничка ревизија и конструктивно зајакнување на носечката подконструкција.

Од Град Скопје предупредуваат дека, и покрај забрзаната динамика на работите, конечниот рок за завршување ќе зависи од тоа дали и кога ќе пристигнат увезените компоненти; евентуални застои при транспортот може да го пролонгираат планираниот рок до 1 септември за концерот на Хосе Карерас.

Фото: К. Попов)

Поврзани написи