Зголемен број на интервенции на Итната медицинска помош поради топлотниот бран
Колапси и поголем број сообраќајни незгоди, Итната помош регистрира зголемување на повиците додека УХМР најавува дневни температури од 40–41 степен.

Високите температури и топлотниот бран што ја зафатија Македонија доведоа до зголемување на интервенциите на Итната медицинска помош, а телефонските повици не стивнуваат дури ни за време на продолжениот викенд кога се очекуваше граѓаните да ги почитуваат препораките на лекарите.
„Специфично е тоа што бројот на итни интервенции се покачени.Што значи тоа дека луѓе на кои навистина им треба итна помош се јавуваат на нашите броеви. Колапсите се на прво место, значително е тоа што овој период имаме зголемен број на сообраќајни незгоди со возила и со моторцикли, доста сообраќајни незгоди со мотори. Сето тоа е како резултат на покачените температури и неприлагодување на самата температура,“ изјави Маргарита Атанасовска -Трипуносвка.
Според медицинските тимови, колапсите се на прво место меѓу причините за повици, а паралелно бележат и поголем број на сообраќајни незгоди со автомобили и моторцикли. Телефонските линии на Итната помош остануваат оптоварени, додаваат од службите.
Прогноза: врвни температури до 40–41 степен
„Нашето подрачје е под влијание на топла воздушна маса од југ. Времето и во следните денови ќе се задржи сончево и многу топло со дневна температура која особено долж Повардарието ќе надмине наместа и 40 степени. Кон крајот на седмицава и за Скопје и околината се очекува да се достигне 40 и 41 степен. И покрај топлото време од четврток до крајот на седмицава во попладневните часови ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и појава на грмежи,“ изјавија од УХМР.
УХМР предупредува дека топлотниот бран ќе се задржи до крајот на неделата, со можни локални врвови над 40 степени, додека попладневните нестабилности можат да донесат краткотраен пороен дожд и грмежи.
Лекарите апелираат граѓаните да не излегуваат ако не е неопходно во периодот меѓу 11 и 17 часот и, ако мораат да излезат, да бидат соодветно подготвени според препораките — особено да водат сметка при движењето од климатизирани простории кон жештото надворешно време.
Фото: прес-материјал од настанот