Почетна
Македонија

Жените помалку гласаа на Локалните избори 2025, најголем јаз има во помалите општини

Родово разделените податоци на ДИК откриваат повисока излезеност на мажите; Пласница и други мали општини покажуваат најголеми разлики.

·Македонија
Жените помалку гласаа на Локалните избори 2025, најголем јаз има во помалите општини

Жените се покажаа со пониска излезеност од мажите на Локалните избори 2025: кај жените излезеноста изнесувала 48,4 проценти, додека кај мажите била 51,6 проценти, иако Избирачкиот список броел речиси идентичен број гласачи — 916.977 мажи и 915.438 жени.

Податоците, добиени преку биометрискиот систем за идентификација на Државната изборна комисија (ДИК), беа презентирани на конференцијата „Унапредување на изборното учество на жените преку податоци, придобивки и партнерства“, што ја организираа ДИК, ОБСЕ и ИФЕС.

Најголем јаз во помалите општини

Разликата во излезеноста е најизразена во помалите општини. Најголем јаз е регистриран во Пласница, каде што 61,5 проценти од мажите ја искористиле можноста да гласаат, наспроти 38,5 проценти од жените. Следуваат Сопиште (59,2% мажи наспроти 40,8% жени), Арачиново (58,3% наспроти 41,7%), Маврово и Ростуше (58% наспроти 42%) и Старо Нагоричане (56,9% наспроти 43,1%).

Во поголемите градски општини разликите беа порамномерни; во Карпош и Аеродром се забележа поголема излезеност на жените — 52,6 проценти, односно 52 проценти.

Членката на ДИК, Дитмире Шеху, на конференцијата нагласи дека родово разделените податоци се потребни за да се утврди каде постојат разлики во изборното учество и каде се потребни дополнителни активности. "Гласот на жената не е само бројка во изборниот резултат", истакна Шеху.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал, посочи дека жените сè уште се значително помалку застапени на лидерските позиции во локалната политика — околу 35 проценти од кандидатите за општински совети се жени, додека само околу 10 проценти од кандидатите за градоначалници се жени. "За да се смени сево ова потребно ни е партнерство и заедничко дејствување. Тоа подразбира зголемување на видливоста на жените во текот на кампањите, но и безбедност и безбедна сигурна политичка средина, соодветен одговор на мизогинистичките реторики, бидејќи ваквите практики го одвраќаат учеството на жените," рече Вал.

Од ДИК најавија дека деталните статистички податоци за сите 80 општини ќе бидат објавени по завршувањето на конференцијата, а во наредниот период ќе следуваат активности насочени кон зголемување на учеството на младите, лицата со попреченост и други категории граѓани во изборниот процес.

Фото: Драгaн Митрески - Слободен печат

Поврзани написи