Жерновски: Владата нема резултати во ниту една област, затоа Мицкоски зборува за талог
Жерновски вели дека премиерот го интензивира говорот за „талог“ и „тиња“ бидејќи, според него, во сите области има пропусти и крах.

Андреј Жерновски денеска на прес-конференција го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека наместо резултати во владата води поделувачка кампања наречена „Талог“, која, како што рече, повторно се активирала за време на националните одбележувања.
Жерновски поврзува реториката со неуспехи во услугите и економијата
„Тоа што се случи за големиот празник Илинден, истото се случи при одбележувањето на Денот на независноста. Наместо единство, наместо повикување на заедништво и прослава на државноста, повторно се активираше кампањата „Талог“ на премиерот Мицкоски. На ден кога Македонија обележува 35 години од својата независност, Мицкоски прво повика да не се делиме, за веднаш потоа повторно да започне со поделби и, како што кажав, ја активираше неговата позната кампања „Талог“. Она што беше приметливо е дека тој вчера директно се закани дека ќе се соочи, ќе ги натера тие од „Талогот“ да се соочат со правдата, потоа седнувајќи до државниот обвинител“ рече денеска на прес-конференција Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Според него, „пораката е сосема јасна. Операцијата „Талог“, која всушност се служи за поделба и сеење меѓу граѓаните, сеење на омраза и која Мицкоски ја спроведува со фактички од првиот ден од својот мандат, е опасна по својата природа и по својата основа и таа функционира по рецептот на Ванчо Михајлов и најмрачните периоди од македонската историја. Ние отворено зборуваме за тоа. Прво, кога се сеќавате, забранија да се говори во Собранието за мигрантите. Потоа во Ново село физички нападнаа млади луѓе кои изнесоа транспаренти и сакаа да предупредат за сето она што се случува во Гостивар со водата за пиење. Пред некој ден, наш советник од СДСМ беше повикан во полициската станица на распит само затоа што на Фејсбук ја бранеше политиката на земјоделците, односно ја нападна политиката на Мицкоски, визави земјоделците“.
„Сето тоа се случува во денешно време во земја која навидум функционира демократски, меѓутоа далеку сме од демократијата. Сега се поставува прашањето и ние мора да дадеме одговор на тоа прашање. Зошто Мицкоски го прави сето ова? Зошто упорно и упорно инсистира на тие термини „талог“, „тиња“ и така натаму? Одговорот е многу јасен, затоа што нема резултати буквално во ниту една област. Ниту во економијата, ниту во здравството, ниту во земјоделието, ниту во образованието, ниту во социјалата, ниту во европскиот пат на нашата држава. Буквално во секоја област ние имаме крахирање. Значи, одговорот е многу јасен. Кога резултатите буквално во секоја област ти се тиња и кога целиот премиерски мандат ти е буквално тиња, тогаш единствено што ти преостанува да зборуваш е за тиња и талог. Меѓутоа, среќа што граѓаните тоа го прочитаа“ рече Жерновски.
Тој денеска потенцираше дека „Потрошувачката кошничка стигна до 90.000 денари со кирија. Минималната плата е 26.000 денари и со таа сума сме заковани на дното на Европа. Цените отидоа до плафонот. Стандардот на граѓаните опаѓа, луѓето живеат сè потешко. Долгот на Мицкоски, односно политиката на Мицкоски со која ја задолжи оваа држава, изнесува 4 милијарди евра за само две години. Мицкоски веќе изгуби 150.000 гласови, но по сето ова што го гледаме следува уште поголем пад на неговиот личен рејтинг и, се разбира, рејтингот на партијата и на владата. Патриотските теми очигледно веќе не поминуваат. Тие се после две години прочитани од страна на граѓаните и затоа е интензивирањето на оваа кампања „Талог“, „тиња“ и така натаму“.
Фото: прес-материјал од настанот


