ЗНАМ предлага измени во Законот за семејството за пристап на посвоените
Предлогот предвидува стручна комисија за индивидуална проценка и заштита на правата на сите засегнати, особено при здравствени потреби.

Пратеничката група на Движењето ЗНАМ во Собранието поднесе измени на Законот за семејството со кои предлага посвоените лица да имаат право да добијат информации за своето потекло.
Во предлогот, велат од партијата, се утврдуваат точните услови и околности во кои посвоените ќе имаат право да добијат вакви информации, со заштита на правата на сите засегнати.
Комисија за индивидуална проценка
Од ЗНАМ посочуваат дека сегашното законско решение не обезбедува механизам за индивидуална проценка и не дозволува институциите да ги разгледаат специфичните околности на секој случај. Како потврда за постоечката празнина во законот, тие наведуваат и пресуда од Европскиот суд за човекови права.
„Во пресудата 'Митревска против Македонија' од 2024 година, Судот утврди повреда затоа што ѝ бил целосно ограничен пристапот до информации кои ѝ биле потребни заради нејзината здравствена состојба. Да бидеме прецизни, нашата држава има обврска да постапи по пресудата на Стразбур и да ги почитуваме европските стандарди и заштитата на човековите права загарантирани со Конвенцијата“, велат од Движењето ЗНАМ.
Од партијата нагласуваат дека со предложените измени не се предвидува укинување на тајноста на посвојувањето ниту пристап до сите податоци. Наместо тоа, се предлага одлука на стручна комисија да ја оценува секоја поединечна ситуација, при што ќе се штитат правата на сите засегнати лица.
„Ова не конечен текст на закон, туку предлог со кој иницираме суштинска стручна и општествена дебата. Ги повикуваме сите – експертите, граѓанските организации, академската заедница, надлежните институции и сите заинтересирани граѓани да се вклучат со свои забелешки и предлози. Нашиот принцип не е да предложиме законски измени подготвени зад затворени врати, без да го чуеме мислење на сите“, велат од ЗНАМ.
Движењето повикува засегнатите институции и заинтересираните страни да ги достават своите предлози додека измените се разгледуваат во Собранието.
Фото: МИА


