51,7% од младите велат дека имаат премалку права; не знаат како да се заштитат
Недостатокот на практично правно знаење, стравот од последици и недовербата во институциите ги спречуваат младите да ги остварат правата, предупредуваат експерти и организации.

Повеќе од половина од младите во Северна Македонија сметаат дека имаат премалку права, но недоволната правна писменост, стравот од последици и недовербата во институциите ги спречуваат да побараат заштита. Според истражување на Фондацијата „Фридрих Еберт“ од 2024 година, ваков став имаат 51,7 отсто од 504 испитаници на возраст од 14 до 29 години.
Правни стручњаци и младински организации предупредуваат дека младите често ја препознаваат неправдата, но не знаат секогаш како да реагираат или кому да се обратат. Проф. д-р Јасна Бачовска Недиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје посочува дека интернетот и социјалните мрежи им даваат поголем пристап до информации, но не и практично правно знаење.
Каде да се обратат младите?
„Едно е да знаете дека имате одредено право, а сосема друго е да знаете што треба да направите кога тоа право ќе ви биде повредено“, вели Бачовска Недиќ, објаснувајќи дека образовниот систем недоволно ги подготвува младите за реални ситуации како потпишување договор, заштита на работничките и потрошувачките права, дигитално вознемирување или поднесување претставка.
Од Центарот за младински активизам КРИК велат дека младите генерално ги познаваат правата на слободно изразување, еднаквост и недискриминација, но недоволно ги разбираат постапките за нивна заштита, особено во работните односи, образованието и социјалната заштита. Дополнителни тешкотии имаат младите со попреченост и оние со помалку можности.
Адвокатот Дејан Јовчески укажува на непознавање на правната заштита пред судовите, Министерството за внатрешни работи, општините и Народниот правобранител, како и можноста за претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Таа Комисија регистрираше 444 претставки во 2025 година, од кои 52 отсто се однесувале на работни односи, а 11 отсто на образование, наука и спорт.
При неправилности може да се поднесе анонимна пријава до Државниот инспекторат за труд, претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, или жалба до Народниот правобранител. За проблеми во образованието надлежни се и училишните стручни служби, раководството и Државниот просветен инспекторат. Министерството за правда, неговите подрачни одделенија, овластените здруженија и правните клиники нудат бесплатна примарна правна помош; во 2024 година примарна помош добиле 5.030 лица.
Сепак, правните механизми не се еднакво достапни за младите од руралните средини, социјално загрозените и лицата со попреченост. „Правото на заштита нема голема практична вредност ако постапката за негово остварување е недостапна, неразбирлива или премногу долга“, предупредува Бачовска Недиќ. Од КРИК и „Сфера Интернејшенал“ посочуваат дека стравот од губење работа, притисоците во образованието и недовербата во исходот ги обесхрабруваат младите. „Кога младите знаат дека нивниот глас се слуша и дека нивното дејствување може да донесе промена, тие стануваат посигурни и подготвени да ги заштитат своите права, но и правата на другите“, порачуваат од КРИК.
Фото: прес-материјал од настанот


