Почетна
Политика

Африм Гаши бара одблокирање на Националната стратегија за борба против корупцијата

Претседателот на Собранието ќе бара координаторите да свикаат продолжение на 111. седница или ДКСК да ја повлече и повторно достави стратегијата.

·Политика
Африм Гаши бара одблокирање на Националната стратегија за борба против корупцијата

Претседателот на Собранието Африм Гаши најави дека ќе побара решение за одблокирање на Националната стратегија за борба против корупцијата за периодот 2026–2030, која е заглавена во Собранието уште од летото.

Граѓанските организации од Платформата за борба против корупцијата во изјави деновиве реагираа заради одолговлекувањето на собраниската постапка, предупредувајќи дека земјата речиси цела година останува без оперативен национален документ за справување со корупцијата. Според Гаши, стратегијата е на иста седница со законот за правична застапеност и е блокирана од опозицијата.

Предлог за продолжение на 111. седница или повлекување и повторно доставување

„Повеќето од законите на кои предлагачи беа Владата и пратениците ги повлекоа и ги ставивме на друга седница. Јас ќе побарам в понеделник од координаторите да се согласиме заедно да свикаме продолжение на 111. седница и само таа точка да ја гласаме. Ако не успееме да се договориме, тогаш ќе побараме од ДКСК да ја повлече стратегијата и веднаш да ја достави да ја ставиме на друга седница“, рече Африм Гаши, претседател на Собрание.

Гаши го опиша предлогот како практичен чекор за да се премости застојот и да се дозволи гласање на документот кој, според невладините, содржи мерки и рокови за институциите. Антикорупциската комисија ја поднесе стратегијата во Собранието во јуни, а загриженоста заради застојот беше потврдена уште летоска од страна на МЦМС, кој предупреди на создавање на опасен стратешки вакум.

Пролонгирањето на донесувањето на националната стратегија доаѓа во период кога Европската комисија констатира дека земјата нема напредок во борбата против корупцијата, што дополнително ја зголемува итноста за донесување на документот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи