Директорот за проширување на ЕК: Северна Македонија е блокирана затоа што не сака да го направи она што знае дека треба
Директорот за проширување на ЕК вели дека 'топката е кај Скопје' и дека патокази за 2027 се возможно решение ако преговорите тргнат напред.

Герт Јан Копман, генералниот директор за проширување и источно соседство во Европската комисија, во интервју за "Балканс дебриф" на Атлантскиот совет изјави дека причината поради која не е отворен првиот кластер во преговорите со Северна Македонија "Блокадата не е во Советот на ЕУ. Блокадата е во земјата."
Топката е кај Скопје, вели Копман
На прашањето на новинарката Илва Таре дали застојот се должи на Советот на ЕУ или на бугарското вето, Копман рече дека не станува збор само за бугарско прашање: "Тоа не е само бугарско прашање. Тоа е став на ЕУ. Тоа е дел од заклучоците на Советот." Тој, сепак, подвлече дека клучната одлука мора да дојде од внатре во земјата.
Копман нагласи дека треба да се усвојат патоказ и акциски план за малцинствата, кои, според него, се во напредна фаза на подготовка, но предупреди: "Но, без уставната измена, процесот едноставно нема да оди напред. Тоа навистина зависи од самата земја."
Тој оцени дека преку спроведувањето повеќе тешки реформи во рамки на Планот за раст годинава, земјата покажала капацитет за промени, но додаде дека преговорите стојат оти властите не се подготвени да донесат одлука. "Не ја блокира земја членка. Блокирана е затоа што досега не сака да го направи она што знае дека треба да се направи," изјави Копман. На барањето на Таре да потврди дека "топката е кај Скопје", тој одговори: "Апсолутно."
На прашањето дали Бризел преговара за решение, Копман рече дека Европската комисија разговара со сите, но потенцираше дека тоа е политички избор: "Тоа е политички избор. Станува збор за суверена земја. Никој не може да ја принуди, ниту сака да ја принуди земјата да направи нешто што не е подготвена да го направи."
Копман, исто така, посочи дека ако има напредок во преговорите, и Северна Македонија и Србија би можеле во пакетот за проширување за 2027 година да добијат индикативни патокази — истиот тип водство каков што годинава добија Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина — и дека двете земји имаат административен капацитет да напредуваат брзо доколку го изберат тоа.
Фото: Принтскрин


