Почетна
Политика

Симеон Сакскобурготски: Историските прашања на историчарите, Северна Македонија да влезе во ЕУ

Во Брисел Сакскобурготски рече дека политичарите треба да гледаат напред и дека Северна Македонија треба да влезе во Европската Унија.

·Политика
Симеон Сакскобурготски: Историските прашања на историчарите, Северна Македонија да влезе во ЕУ

Поранешниот бугарски премиер Симеон Сакскобурготски денес во Брисел порача дека историските спорови треба да им се препуштат на историчарите, а политичките лидери да се насочат кон иднината и кон членство на Северна Македонија во Европската Унија.

„Вчера се видовме случајно со премиерот (Христијан Мицкоски - н.з.) и ми беше многу мило. Мислам дека дијалогот во секој поглед е позитивен. Добрососедските односи се само во корист на сите. Така што, треба да вложуваме напори. Повторно ќе кажам нешто, можеби политички некоректно. Но, сметам дека многу теми беа за историчарите, тие да ги следат и да ги разгледуваат, а ние да гледаме напред, кон практичното, и Северна Македонија да влезе во ЕУ“, изјави Сакскобурготски.

Краток контекст

Сакскобурготски беше премиер на Бугарија од јули 2001 до август 2005 година и претходно го основа Националното движење „Симеон Втори“, кое победи на парламентарните избори во јуни 2001 година. Во април 2005 година тој во Луксембург го потпиша Договорот за пристапување на Бугарија во ЕУ; Бугарија стана членка на Унијата на 1 јануари 2007 година. Во Брисел тој престојуваше по повод 20‑годишнината од пристапувањето на Бугарија и Романија на 1 јануари 2007 година, на настан во Европскиот парламент во присуство на европратеници, еврокомесари и поранешни премиери.

Изјавите се појавуваат во време кога патот на Северна Македонија кон ЕУ повторно е предмет на дебата. Оваа 2026 година земјата „одбележува“ 21 година од кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Со европскиот консензус од јули 2022 година, и со Преговарачката рамка, внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав беше поставено како услов за одржување на втора меѓувладина конференција и за суштинско отворање на преговорите по кластери.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на одбележувањето на 35‑годишнината од донесувањето на првиот Устав на независна Република Македонија (17 ноември 1991 година), предупреди за честите уставни измени: „Во компаративното уставно право ние сме рекордер во измени на Уставот. Што станува со уставниот патриотизам? Не знам, сами треба да се запрашаме. Меѓутоа, основното прашање е: ако Уставот е основен извор на уставноправната наука, ако е лекс супериор, ако е најважниот општествен договор меѓу граѓаните и македонската држава, ако е правен и политички темел на државата, зошто толку често се менува“, рече претседателката.

Таа додаде и дека „Сите устави обично почнуваат со „We the people“-„Ние народот“. Ние можеби треба - „Ние народот и меѓународната заедница“. Не го кажувам ова цинично, не го кажувам, но мислам дека навистина сериозно треба да размислиме“, рече претседателката, и потсети дека за 32 години македонскиот Устав доживеал дури 36 амандмани, од кои во 15 случаи измените биле иницирани однатре, а во 21 случај посредувала меѓународната заедница.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој исто така беше во Брисел и се обрати на Форумот за проширување на ЕУ (EU Enlargement Forum 2026) организиран од Европската комисија, подвлече дека проширувањето треба да биде базирано на заслуги и суштински реформи: „Промените што го засегаат националниот идентитет не смеат да бидат услов за европска интеграција, бидејќи тоа го доведува во прашање кредибилитетот на самиот процес на проширување“, наведе премиерот на неговиот профил на Фејсбук.

Прашањето за европската интеграција на земјата ќе биде и тема на состанокот на лидерите од Процесот Брдо‑Бриони што ќе се одржи во Охрид на 27 ноември 2026 година, организиран од претседателката Сиљановска Давкова заедно со претседателите на Словенија и Хрватска, Наташа Пирц Мусар и Зоран Милановиќ.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи