АХВ официјално побара вакцини од Турција и Европската комисија
Агенцијата и Министерството побараа помош од EUVET и од Турција и предупредија на санкции за незаконски вакцинирања.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) официјално доставила барање за донација на вакцини против сипаници кај овците до Европската комисија и до Република Турција, соопштија денеска АХВ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Барањето следува откако беше регистриран голем број на угинати овци.
Експертската група непрекинато се состанува за донесување на мерки, а повторно е побарана и помош од EUVET тимот на Европската комисија за справување со болеста.
"- По добивањето на одговор за вакцинација, ќе се пристапи кон тестирање на безбедноста и чистотата на вакцината, по што ќе се започне со вакцинација. Во моментот се применува стратегијата stamping out-велат од АХВ и МЗШВ."
Надлежните предупредуваат дека секоја вакцинација што ќе се изврши на сопствен трошок на сточарот, без претходно одобрение од Агенцијата, ќе биде санкционирана и нема да се врши компензација за заболени животни или обештетување за одземените животни. Исто така, ветеринарните друштва кои вршат незаконска вакцинација или активности што се од јавен карактер ќе бидат санкционирани.
"-Замолуваме сточарите да ги пријавуваат сите случаи на сомнеж на болеста во Агенцијата за храна и ветеринарство и да соработуваат со официјалните ветеринари и ветеринарните друштва при спроведување на депопулација на животните - стои во соопштението."
Спорот за постапувањето со умрените животни во Соколарци
АХВ воедно ги демантираше тврдењата изнесени во видео обраќање вчера од Насер Џемаили, претседател на Созујот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“, во врска со наводна некоординираност при постапувањето со одземените овци во селото Соколарци. Агенцијата појаснува дека местото прикажано во видеото е местото каде, согласно сите биосигурносни мерки за безбедно отстранување на овци и кози, е извршено закопување на животните.
"-Овците и козите се затрупани со поголем слој на земја, местото е соодветно дезинфицирано и означено дека тука постои опасност од заразна болест. Пронајдените овци и кози потекнуваат од сточари кај кои болеста е присутна и вршат незаконска вакцинација со неквалитетни вакцини илегално набавени од Турција - велат од АВХ и МЗШВ."
Во соопштението се потенцира дека отстранувањето на умрените животни е во надлежност на локалната самоуправа и дека таа треба да постапи соодветно. "-Од одгледувалиштето до местото на закопување почитувани се сите биосигурносни мерки за спречување на ширење на болеста. Со постапките на поединци може само дополнително да се прошири болеста на места каде што не е потврдена -соопштуваат од АХВ."
Властите потенцираат дека ќе започнат со вакцинација дури по добивањето на вакцините и по тестирањето на нивната безбедност и чистота, а додека тоа не се случи, како што велат, се применува стратегијата на депопулација (stamping out).
Фото: прес-материјал од настанот