Почетна
Македонија

Ако е 39°C надвор, климата да биде околу 25°C, препорачуваат од ИЈЗ

Доктор Давид Здравески ги објаснува јавно‑здравствените препораки, кои групи се најизложени и кога да се повика итна помош.

·Македонија
Ако е 39°C надвор, климата да биде околу 25°C, препорачуваат од ИЈЗ

Ако надвор е 39 степени, клима уредите да бидат на околу 25, за да може да се прилагоди организмот ако излезете надвор на отворено, препорача доктор Давид Здравески, раководител на Одделот за здравствена промоција и следење на болести при Институтот за јавно здравје, во изјава за медиумите говорејќи за јавно - здравствените препораки за заштита од топлото време.

"Меѓу општите јавно-здравствени препораки што треба секој да ги почитува, основна и прва, е да се избегнува напорна физичка активност во текот на денот - и тоа од 11 до 17 часот. Доколку на таа температура се изложени работниците, особено оние кои работат во отворени простори, треба да имаат повеќе паузи во текот на денот, односно да бидат помалку изложувани на сонце и да бидат под сенка, да имаат внесување голема количина течности" - истакна докторот.

Кој треба да внимава повеќе

Здравески посочи дека лицата над 65-годишна возраст кои ја земаат редовно терапијата, ако не се чувствуваат добро во текот на денот, треба да се консултираат со своите матични лекари, и додаде дека оние кои се дома и сами треба постојано да се во контакт со соседи или пријатели за да можат брзо да добијат помош. За итни случаи потсетува на бројот 194 или 112.

Во однос на бремените жени, тој рече дека тие треба да ги слушаат препораките што им ги даваат нивните матични гинеколози, а хронично болните да ја земаат својата терапија. Тој ја потврди и препораката повозрасните над 65 години да не користат рерна и уреди од 13 часот, ако може да се избегне, поради создавање дополнителна топлина.

"Дополнителни препораки коишто треба да се следат се бањање што поредовно во текот на денот, односно повеќе пати со млака вода, или пак ако треба, да се престојува во поладни простории. Оние кои работат во затворени простории или пак соодветно се наоѓаат дома - треба да бидат во климатизирани просториите. Доколку надворешната температура е над 35 степени Целзиусови, треба да се знае дека климатизираните простории мора да бидат со клима-уреди, а не со вентилатори, затоа што вентилаторот помага до 35 степени. Над 35 најдобро е да бидат во климатизирани простории, да бидат со спуштени ролетни и прозорците да бидат соодветно затворени. По 17 часот, се препорачува прозорците да бидат отворени и дополнително да имаме проветрување на воздухот" - сподели Здравески.

Здравески ги сподели и основните симптоми за топлотен удар: "Тоа се општо симптоми како вртоглавица, главоболка, бессознание, соодветно може да се појави мускулен грч. Мускулниот грч ако се јави, и ако до неден час не се регулира со ладна вода и доволно хидрирање, тогаш дополнително треба веднаш да се викне Итна медицинска помош. Треба значи да се внимава. Исто така дополнително, топла, сува кожа, значи тоа треба да биде препознаено и веднаш или да се повика Брза помош или дополнително ако можат да одат кај матичен лекар да се консултираат" - препорача Здравески.

Според најавите од синоптичарите, во следните два дена се очекуваат многу високи температури до 40 степени, а мало освежување е најавено за четврток.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи