Андоновски: уште 20 институции ќе се приклучат на е-системот за документи
Министерот рече дека 338 услуги се на Националниот портал, интероперабилноста порасна до 5,2 милиони трансакции во 2026 и потребни се законски измени за дигиталните лични карти.

Македонија бележи понатамошен напредок во дигиталната трансформација, оцени министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на прес-конференција на која ги презентираше клучните наоди од Извештајот на Европската комисија за 2026 година.
Е-послуги, интероперабилност и е-менаџмент на документи
Министерот рече дека на Националниот портал до крајот на август биле достапни 338 услуги, а следниот приоритет е тие услуги да можат да се завршуваат целосно електронски — од поднесувањето до добивањето на документот — без граѓаните да мораат физички да одат во институциите.
„Знаеме што значи одењето по документи. Излегување од работа, патување до друга општина, чекање и дополнителни трошоци. Понекогаш цел ден потрошен за една административна постапка. Секоја услуга што успешно ја префрламе во електронска форма треба да реши дел од тој проблем“, кажа Андоновски.
Во делот за интероперабилност, претставените податоци покажуваат дека месечните трансакции на платформата пораснале од 700.000 во 2024 на 1,4 милиони во 2025 и на 5,2 милиони во 2026 година. „Институциите мора да разменуваат податоци. Од граѓанинот не треба да бараме да биде посредник помеѓу две државни институции“, додаде тој.
Европската комисија забележала и напредок во електронското управување со документи — до крајот на јуни 2026 централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива (еДМС) го користеле 44 институции. Андоновски нагласи дека барањето може да пристигне електронски, но ако потоа се печати и носи по канцеларии постапката останува бавна.
„Со еДМС работиме на целиот тек на предметот: приемот, распределувањето, постапувањето, потпишувањето и архивирањето“, кажа министерот и најави дека во наредните месеци на платформата ќе се приклучат уште 20 институции. Целта е електронското работење да стане секојдневна практика во администрацијата, со поорганизирана работа, поголема одговорност и со јасен увид во движењето на предметите.
Во областа на сајбербезбедноста, Комисијата нотира воспоставување на владиниот тим за одговор на компјутерски инциденти (MKD-GOV-CSIR) и вложувања во платформа за одговор и во стручни капацитети. „Секоја нова електронска услуга носи и одговорност за нејзината сигурност. Граѓаните со право очекуваат нивните податоци да бидат заштитени, а системите да бидат достапни кога им се потребни“, додаде Андоновски.
Тој, исто така, предупреди дека дигиталната лична карта и дигиталната возачка дозвола сѐ уште не важат пред полицијата и дека за тоа се потребни законски измени.
Фото: Министерство за дигитално општество)


