Андоновски најави: До крајот на годината уште 20 институции ќе се приклучат на дигиталната архива
Во следните три месеци уште 20 институции ќе бидат интегрирани во централниот еДМС; до крајот на август Националниот портал нуди 338 услуги.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на прес‑конференцијата на која ги презентираше главните забелешки од Извештајот на Европската комисија за 2026 година, најави дека во наредните три месеци уште 20 државни институции ќе бидат интегрирани во централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива. Целта е административните предмети да течат целосно дигитално — од приемот до архивирањето.
Во поглед на оценката за секторот, министерот посочи „сериозен скок од умерено на ниво на меѓу умерена и добра подготвеност“, и нагласи пет клучни области: електронски услуги, размена на податоци меѓу институциите, електронско управување со документи, кибербезбедност и вештачка интелигенција.
За достапноста на услугите, Андоновски соопшти дека до крајот на август на Националниот портал биле достапни 338 услуги, вклучително и делумно електронски, но следна цел е сите процедури да се заокружат така што граѓанинот сè ќе завршува преку компјутер или мобилен телефон – од аплицирање до добивање на конечниот документ.
„Поднесувањето електронско барање само по себе не значи ништо, ако документот потоа се печати, се носи од канцеларија во канцеларија или со денови се чека на физички потпис. Системот мора да овозможи целосно дигитално следење на предметите и јасна одговорност за тоа кај кого се наоѓа предметот и како се постапува со него“, рече Андоновски.
Раст на трансакциите и дигитален паричник
Како меродавен показател за напредокот во меѓуинституционалната комуникација, министерот презентира податоци за брз пораст на трансакциите на платформата за размена на податоци: од 700.000 месечни трансакции во 2024 година, на 1,4 милиони месечно во 2025 година, до 5,2 милиони трансакции во досегашниот дел од 2026 година.
Андоновски нагласи дека до крајот на јуни 2026 година централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива – еДМС, го користеле 44 институции, а интеграцијата на уште 20 институции ќе го прошири опфатот. „Инситуциите мора активно да разменуваат податоци меѓу себе, а не граѓаните да бидат курири кои носат документи од еден на друг шалтер“, додаде тој.
Министерот, исто така, порача дека за МВР ќе бидат потребни од шест месеци до една година за да почне да ги прифаќа дигиталните документи. Владата и ресорното министерство инвестираат милиони денари во проектот „Везилка“, кој го координира Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и преку партнерство со мрежата Faros го поврзува земјата со европскиот екосистем за вештачка интелигенција.
На крајот од обраќањето, Андоновски нагласи дека препораките од Брисел не се само формални задачи, туку секојдневни работни задачи, и дека вистинската мерка за успех ќе биде намалувањето на чекањето, побрзото добивање услуги и силната заштита на системите.
Фото: Министерство за дигитална трансформација


