Андоновски: Веб-страниците и апликациите на јавниот сектор мора да бидат пристапни до 31 декември
Стефан Андоновски рече дека пристапната дигитална средина е дел од јавните услуги и треба да се обезбеди до 31 декември според новиот закон.

Постојните веб-страници и мобилни апликации на институциите од јавниот сектор треба да се усогласат со стандардите за дигитална пристапност до 31 декември годинава, истакна денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
На настанот во Собранието по повод Меѓународниот ден на белиот стап, Андоновски нагласи дека пристапната средина не се однесува само на физичкиот простор, туку и на дигиталните услуги преку кои граѓаните добиваат информации, поднесуваат барања и пристапуваат до услугите на институциите.
Што предвидува законот
Законот предвидува веб-страниците и мобилните апликации да овозможуваат користење со тастатура, гласовна контрола и асистивни уреди; функциите да бидат јасни и предвидливи; а содржините да бидат обработливи од асистивните технологии. Предвидени се пристапни алтернативи како текстуални описи на слики, аудиоописи, наслови, транскрипти и алтернативни формати. Граѓаните имаат право да побараат пристапна алтернатива, а институцијата е должна да одговори во рок од 15 работни дена, со обезбедување алтернатива или соодветно образложение.
"За слепите и за лицата со оштетен вид, пристапната електронска услуга може да значи самостојно читање информации, пополнување образец или добивање документ. Тоа значи заштедено време, помала потреба од туѓа помош и поголема приватност при користењето на личните податоци" - рече Андоновски.
Тој потсети дека Законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор беше донесен во Собранието минатата година, со примена од 1 јули 2026 година, со што домашната регулатива првпат се усогласува со Европската директива 2016/2102.
"Институциите имаат обврска да објавуваат изјава за пристапност и да овозможуваат пријавување проблеми. Ова е значаен чекор, а неговата вредност треба да се чувствува при секое користење на јавните услуги. Затоа нашата работа продолжува преку следење на примената, поддршка на институциите и соработка со корисниците" - нагласи министерот. Тој додаде дека во подготовката на законското решение учествувале здруженија на лицата со попреченост, претставници на институциите и академската заедница, и дека нивната вклученост треба да продолжи при развојот и тестирањето на дигиталните услуги.
Фото: прес-материјал од настанот


