Ангелов: Дел од слабостите на кои укажуваат ревизорите се намалени
Ангелов вели дека закони и сервиси на опрема, повеќе доброволци и пренаменети возила ја подобриле оперативноста ова лето.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, реагира дека дел од слабостите кои ги навел Државниот завод за ревизија во својот извештај се делумно намалени поради законски измени и оперативни мерки преземени ова лето.
Во писмената реакција на извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) – „Градење на систем за управување со кризи, заштита и спасување преку инвестиции во опрема и ресурси, одржување на средства со цел да се зголеми оперативноста, ефикасноста и ефективноста“ – Ангелов ги прифаќа забелешките на ревизорите, но вели дека некои проблеми веќе биле коригирани.
Законски и практични подобрувања
Ревизорите во извештајот забележуваат слабости во стратешкото планирање, координацијата и управувањето со ресурсите, недоволните човечки и материјални капацитети и ограничените вложувања во модернизација и нова опрема за службите во системот за цивилна заштита. Ангелов потсетува дека на истите проблеми укажувал и како директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), а дека дел од нив биле намалени откако стана директор на ДЗС.
Ангелов наведува дека „дел од овие слабости значително се намалени со минатогодишните изменувања и дополнувања на Законот за управување со кризи, а дел со изменувањата и дополнувањата на Законот за заштита и спасување од јуни годинава.“ Тој исто така наведе конкретни подобрувања: „ертракторите“ биле сервисирани и ставени во функција пред стартот на сезоната на пожари, е зголемен бројот на ангажирани доброволни пожарникари преку Тимовите за брз одговор на ДЗС, а специјалните возила на ДЗС – 23 „пинцгауери“, 15 БТР и пет „хермелини“ – биле пренаменети во противпожарни возила.
Директорот нагласува и промена во правниот статус за брзо ангажирање на сили. „Во делот на унифицирано командување со силите за заштита и спасување е направен значаен исчекор со додавање на нов став 5 во член 108 – во акции кои бараат итна интервенција републичките сили за заштита и спасување се ангажираат со одлука на директорот на Дирекцијата“, додава Ангелов, оценувајќи дека измената го прескокнува претходното бирократско успорување во итни случаи.
Како значаен придонес за овогодинешната сезона Ангелов го наведува и поширокиот ангажман на доброволци, што, според него, го намалило барањето за поддршка од Полицјата и од Армијата во гаснењето комплексни пожари. Тој посочува и дека ова лето земјава не побарала меѓународна помош за гаснење пожари; напротив, за прв пат ДЗС во Европскиот механизам за заштита и спасување декларирала два „ертрактори“ за помош на други земји.
Сепак, Ангелов признава дека недостасуваат делови од системот. Според ревизијата, иако нормативниот сет на закони е воспоставен, системот за заштита и спасување не функционира како интегриран и ефикасен механизам за превенција, подготвеност, навремен одговор и справување со катастрофи. Извештајот потсетува дека потребата од реформи била нотирана уште во 2018 година при скринингот на ЕУ преку Европскиот механизам за цивилна заштита, но до денот на ревизијата потребните реформи не биле комплетирани.
Фото: прес-материјал од настанот


