Недостиг на кадар, милионски загуби и застарени пруги – нотира ДЗР во извештајот за „Железници – инфраструктура“
ДЗР констатира дека од 1 314 систематизирани места пополнети се само 718, има зголемување на договорни вредности и сериозни пропусти во евиденцијата на имотот.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот за 2024 година констатира сериозни кратења во работењето на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“ (ЈП ЖРСМ): недостиг на стручен кадар, континуирани загуби и застарена, делумно нефункционална инфраструктура.
Зголемени договори, пролонгирани рокови и неуредни евиденции
Ревизорите наведуваат дека од вкупно систематизираните 1 314 работни места пополнети се само 718. Најголем дел од вработените се на возраст од 56 до 60 години, 30 отсто од вкупниот број не ги исполнуваат посебните услови за степен или вид на образование, а пет отсто не ги исполнуваат дополнителните услови предвидени со актот за систематизација.
Извештајот ги идентификува и слабостите при планирање и спроведување на градежните работи на источниот дел од Коридор 8. Кај првата делница вредноста на договорот е зголемена за 96 отсто (39,7 милиони евра), а рокот за завршување е продолжен за осум години и три месеци поради проектни грешки, дополнителни градежни работи и промена на изведувачот. Кај втората делница, и покрај 18‑годишниот прекин и осумгодишниот период од склучувањето на заемот, договор за изградба е склучен дури во јули 2022 година во вредност од 155 милиони евра, со рок за завршување до 23 октомври 2026 година.
За рехабилитација, изградба и реконструкција се одобрени заеми во вкупен износ од 191,4 милиони евра, од кои 44 отсто сѐ уште не се повлечени. "Поради тоа, до крајот на 2024 година се платени 7,78 милиони евра провизии за неповлечени средства (536 илјади евра во 2024 година), најголем дел за заемот за Коридор 8 – Фаза 2. Во 2024 година, по основ на камати за заемите, чија каматна стапка е варијабилна и се движи од 4,84 до 5,14 проценти, исплатени се 2,85 милиони евра", велат од Државниот завод за ревизија.
Ревизијата утврди и значајни неправилности во евиденцијата на имотот: земјиште вредно 7,2 милиони денари нема имотни листови, 91 процент од градежните објекти во вредност од 12,7 милиони денари се линиска инфраструктура која не е евидентирана во Катастарот на инфраструктурни објекти при Агенцијата за катастар на недвижности, а за 88 отсто од останатите објекти претпријатието нема имотни листови. Исто така, констатирани се неправилности при управувањето и евидентирањето на залихите — суровини, материјали, резервни делови, ситен инвентар, амбалажа и автогуми.
Ревизорите посочуваат дека претпријатието бележи континуирани загуби: загубата во 2024 година изнесува 188 775 илјади денари, а заедно со пренесена загуба од претходни години достигнува вкупен износ од 4 724 897 денари. ДЗР предупредува дека ваквите континуирани загуби негативно влијаат на тековното и идното работење, одржувањето и безбедноста на железничката мрежа.
Во делот со човечки ресурси ревизорите критикуваат пракса од 2020 година каде што недостатокот на кадар се решава со времено распоредување на постојните вработени, наместо преку јавни или интерни огласи. Во 2024 година 96 лица биле распоредени со времени решенија, при што 55 отсто не ги исполнувале посебните услови за работното место, а 12 отсто не ги исполнувале дополнителните услови.
ДЗР порачува итни мерки: значителни инвестиции за модернизација на мрежата, корекции во евиденциите на имот и залихи и посериозно пристапување кон пополнување на работните места со цел подобрување на работењето и безбедноста на железничкиот сообраќај.
Фото: прес-материјал од настанот


