Ангелов: Најкомплексен за гаснење е пожарот што сега гори на планината Китка
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување го оцени пожарот на Китка како најтежок, потенцирајќи дека има пет активни пожари и индиции за намерно потпалување.

Во текот на вчерашниот ден беа пријавени најмалку 33 пожари на отворен простор, а директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека најкомплексен и најтежок за гаснење е пожарот што сега гори на планината Китка.
Ангелов посочи дека меѓу инцидентите имало неколку исклучително тешки шумски пожари кои избувнале среде борова шума. „Помеѓу нив имавме неколку исклучително тешки шумски пожари кои избувнаа среде борова шума. Таков беше пожарот што избувна во близина на границата со Бугарија, на територијата на општина Пехчево, во атарот на селото Црник. Тежок пожар за кој не очекував дека ќе биде изгаснат. Благодарение на извонредната координација на градоначалникот на Пехчево, со поддршка на три „ер трактори“ на ДЗС, овој пожар најпрвин беше ставен под контрола, а потоа и целосно изгаснат. Денес не дава знаци на горење,“ истакна Ангелов во попладневната изјава.
Тој додаде дека нареден тежок шумски пожар бил во атарот на селото Бигла, некаде на средина помеѓу Македонска Каменица и Делчево, и дека не очекувале лесно да го стават под контрола. „Тој не дава знаци на ширење, понекаде чади само во изгорениот дел. Од страна на градоначалникот се ангажирани многубројни екипи, кои одат по линијата каде што прекинува горењето, за да не дојде до негово повторно реактивирање бидејќи подлогата е полна, можеби некаде и половина метар длабок слој од иглички од боровите, измешани со шишарки – барут суви, лесно запаливи. Воедно, на многу места има висока и барут сува трева,“ додаде Ангелов.
Дождот помогна, но не е крај на опасноста
Дождот што заврна на неколку места во државата вчера помогна да се изгасне пожарот што се развиваше над селото Сушица, над Коњаре, кој претходно почна на територијата на општина Куманово во атарот на селото Винце.
„Во овој момент имаме најмалку пет активни пожари. Најтежок, најкомплексен за гаснење е пожарот што сега гори на планината Китка, пожар кој во неколку наврати го стававме под целосна контрола, пожар кој во неколку наврати и целосно беше изгаснат, пожар на кој пред три дена му го зададовме конечниот удар затоа што еден цел ден немаше ниту траг од горење. За жал, некои злобници, луѓе што од користољубие или од одмазнички мотиви упорно го палат, повторно подметнаа долга линија, која беше неможно да се изгасне бргу. Овие злобници што палат ваков пожар на вакво место треба да знаат дека со нивното поведение ризикуваат да убијат други луѓе, да ги убијат жителите на многубројните села околу и под Китка,“ посочи тој.
Ангелов апелира до локалното население да внимава и да пријавува сомнително однесување, нагласувајќи дека постојат индиции дека потпалувачите се од самиот регион околу Китка.
Фото: прес-материјал од настанот