Ангелов: Трите „ертрактори“ гасат пожар на Жеден
Директорот на ДЗС вели дека поради стрмен и густо покриен терен интервенцијата од копно на Жеден е невозможна.

Трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување денес се вклучени во гасење на пожар на планината Жеден, во близина на Јажинце, рече директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Ангелов појасни дека пожарот се шири на стрмен и непристапен терен, покриен со густи трња и грмушки, поради што интервенцијата од копно е невозможна.
Акцент на воздушната интервенција
Директорот рече дека трите „ертрактори“ се користат за концентрирано дејство на неколку критични точки покрај фронтот на пожарот.
„'Ертракторите' денес работат со концентрирано дејство на неколку точки каде што имаме намера да го пресечеме пожарот и да не дозволиме негово ширење. На тој начин ќе воспоставиме делумна контрола, а можеби до крајот на денот и целосна контрола на овој пожар, што значи дека ќе остане активен, но во контролирано подрачје“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Ангелов изрази благодарност до пилотите на Дирекцијата кои, како што рече, секојдневно пожртвувано работат и влегуваат во ризик летајќи ниско над пожарите. Тој додаде дека и волонтерските пожарникари даваат извонредни резултати во теренските активности.
Фото: прес-материјал од настанот