Почетна
Македонија

Архиепископот Стефан повика на единство, вера и одбрана на државноста во илинденското послание

Архиепископот Стефан ги повика верниците и граѓаните на единство, предупредувајќи дека само така може да се зачува слободата и државноста.

·Македонија
Архиепископот Стефан повика на единство, вера и одбрана на државноста во илинденското послание

Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во своето илинденско послание повика на враќање кон верата, правдата, честа и достоинството и ги повика граѓаните да ги надминат поделбите. „Само обединет народ, кој ќе ги надмине поделбите и ќе гради меѓусебна доверба, може да ги зачува својата слобода, идентитет и држава“, порача тој.

Трите Илиндена како една традиција

Во пораката архиепископот ги постави трите Илиндена како сведоштво за историскиот континуитет на Македонија и како симбол на стремежот кон слобода и државност. Тој посочи дека Илинденот од 1903 година означил востание за слобода, АСНОМ во 1944 година го потврдил правото на сопствена држава, а независноста во 1991 година ја заокружила современата македонска државност.

Стефан нагласи дека слободата не е трајно стекнато право, туку вредност која постојано треба да се брани и зачува. Тој оцени дека современите предизвици бараат иста мерка одговорност како и искушенијата со кои се соочувале претходните генерации.

Поглаварот истакна и историската улога на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија во периодите кога Македонија немала сопствена држава, нагласувајќи дека Црквата била чувар не само на верата туку и на писменоста, културата и националната свест.

Илинденското послание заврши со повик да се негуваат илинденските идеали и да се зачува споменот на сите што се жртвувале за слободата на Македонија, со порака дека наследството на тие жртви треба да остане обврска и за сегашните и за идните генерации.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи