Армијата фактор на стабилност, безбедност и доверба, порача Сиљановска‑Давкова
Претседателката Сиљановска‑Давкова оцени дека Армијата ја зацврстува позицијата на земјата во алијансата и го нагласи значењето на одбранбените капацитети.

На свеченоста по повод Денот на Армијата во Охрид, претседателката и врховна командантка Гордана Сиљановска‑Давкова ја оцени македонската Армија како високо организирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност и висока интероперабилност со сојузниците.
Таа ги потсети присутните на историските етапи во развојот на армијата — од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година до членството во НАТО — и нагласи дека Армијата е фактор на стабилност, безбедност и доверба.
Претседателката предупреди дека современата одбрана мора да биде подготвена за новите облици на закани, вклучително и киберпросторот и вештачката интелигенција. „Цврсто верувам дека колку е посигурна нашата сопствена одбранбена поставеност, толку е посуштествен нашиот придонес кон заедничката сигурност. Токму затоа јакнењето на сопствените капацитети е и вистинскиот начин на кој ја зацврстуваме својата позиција во aлиjансата како сериозна и кредибилна членка на која може да се верува и врз која може да се потпира“ — рече Гордана Сиљановска‑Давкова.
Модернизација и опрема
Министерот за одбрана Владо Мисајловски посочи дека модернизацијата на Армијата се спроведува според планираната динамика. Тој наведе дека веќе се испорачани оклопните возила JLTV и „Страјкер“, артилериските системи „Боран“ и најголем дел од системите за противвоздушна одбрана „Мистрал 3“. До крајот на годината, според него, се очекуваат и првите два нови хеликоптери.
Мисајловски најави ново законско решение за професионалните војници кои наполниле 45 години и потврди зголемување на платите од следната година. Тој додаде дека паралелно со опремувањето се вложува и во инфраструктурата на касарните, со предвидени инвестиции од над 12 милиони евра.
Началникот на Генералштабот, генерал‑мајор Сашко Лафчиски, оцени дека изминатата година била исклучително успешна, посочувајќи ги оперативната зрелост и подготвеноста за соочување со современите безбедносни предизвици. Тој истакна дека успешната реализација на вежбата „Блесок 26“ и позитивната оценка на Лесната пешадиска баталјонска група ја потврдуваат постигнатата способност и професионалноста на припадниците. „Стекнувањето на статусот „борбено подготвен“ не е само формално признание. Тоа е потврда дека зад тој резултат стојат илјадници часови обука, планирање, подготовки, вежби, одрекувања и професионална посветеност“ — нагласи Лафчиски. На свеченоста беа доделени и одликувања и признанија на единици, институции и припадници за нивниот придонес во развојот на одбранбените способности и извршувањето на задачите.
Фото: принтскрин / АРМ / Фејсбук