Асоцијацијата: Добро управуваме со парите, но системот бара болни реформи
АДПФ презентира 20-годишни приноси, поддржува мултифондови и бара отворена дебата за зголемување на придонесите и старосната граница.

Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија (АДПФ) оцени дека друштвата од вториот столб добро ги управуваат средствата на членството и дека за долгорочна одржливост се потребни структурни реформи, иако „болни“. Прес-конференцијата следеше по тркалезна маса со академици, актуари и претставници на регулаторот.
Движење кон отворена професионална дебата и постепени промени
Весна Стојановска, заменик-претседателка на АДПФ, ги презентираше перформансите на капитално-финансираниот столб во последните дваесет години: „Точни приноси за изминатите 20 години колку што постои пензискиот систем во Република Македонија се – номинален принос од 5,5% и реален принос од 2,3%. Уште покруцијално прашање е колку пензиските фондови ја зголемиле реалната вредност на парите на уплатите. Во бројки или во проценти денес тоа изгледа вака: ако некој во 2006 година има уплата во задолжителниот пензиски фонд, денес номиналната вредност на парите е зголемена трипати, а реалната вредност на парите е зголемена за 58%".
Стојановска потенцираше дека идните приноси зависат од инвестициската рамка, стратегијата и преземениот ризик. Таа го посочи законот за мултифондови како почеток на модернизација: „Тука неминовно ни треба модернизација на инвестициската рамка. Едно од тие прашања коишто денес го отворивме, а и веќе е во некоја процедура, е законот за мултифондови, којшто во иднина ќе ни овозможи со новите лимити, новите правила на инвестирање, очекувања – според нас и според анализи на друштвата – се дека приносот би бил зголемен за 1,5 до 2 процентни поени. Во моментот што значи 5,5% уште еднаш само да споменеме: 1 милијарда и 250 милиони евра принос или износ на остварен принос за 20 години, распределени на индивидуалните сметки на нашите членови, односно идните пензионери".
Асоцијацијата подвлече дека капитално финансираното пензиско осигурување не е експеримент, туку две децении реформа која дава резултати, дека средствата се лична и наследна сопственост и дека секој член може дневно да ја провери својата сметка. Меѓутоа, акцентот беше ставен и на правичноста во системот.
„Правичноста е важна посебно во последно време кога сè почесто слушаме дека поголем број на пензионери имаат минимална пензија. Минималната пензија значи социјална заштита. Време е точно да ги утврдиме социјалната и пензиска компонента во нивниот обем, да ги утврдиме нивните критериуми за да може да градиме еден долгорочно одржлив пензиски систем. Пензискиот систем е дел од социјалниот систем на секоја држава и затоа социјалниот фактор не смее да биде запоставен. Но, за да биде правилно тестиран и третиран, тој треба да биде утврден во својот обем", посочи Снежана Станковиќ.
Претседателот на АДПФ, Марјан Николовски, предупреди дека прашањето не е дали треба да се направат реформи, туку колку брзо и по кој модел да се воведат болните мерки. „Анализата покажуваше дека од моментот на воспоставување на реформираниот пензиски систем пред дваесетина години до денес, животниот век на луѓето во просек е продолжен за 3 години, а во меѓувреме немаме ниту еден месец поместување на старосната граница за пензионирање. Во превод тоа значи дека еден просечен пензионер денес за 3 години би ја користил подолго пензијата во однос на она што било пред дваесетина години. Немаше конкретни предлози колку треба да се зголеми таа старосна граница. Конкретната препорака беше од аспект на транспарентноста на системот за идните генерации, дека би било добро таа промена не да се случи преку ноќ и да ги затече осигурениците коишто се буквално пред пензионирање, туку тоа треба да биде една постепено имплементирана реформа каде што, на пример, од денес за наредните 10, 15 или 20 години би се знаело дека постепено ќе се зголемува границата за пензионирање, пресметано во месеци или во квартали. Значи, ако моменталната максимална граница е 64 години, постепено да одиме на 64 години и 3 месеци, или на 64 години и 6 месеци и така натаму".
Како конкретни мерки од работната дискусија беа изведени предлози: зголемување на стапката на придонеси (од 18 на 21, 2% од бруто платата), постепено зголемување на работниот век, одделување на социјалната категорија на приматели на пензии и ревизија на начинот на којшто се врши тековно усогласување на пензиите.
АДПФ исто така одговори на критиките од премиерот Христијан Мицкоски, кој го оцени работењето на пензиските друштва како лош менаџмент и рече дека приносите се пониски од очекувањата. На тоа, претседателот на АДПФ изјави: „Единствен релевантен извор на податоци за остварените приноси и на задолжителните и на доброволните пензиски фондови во номинален и во реален износ е сајтот на Агенцијата за супервизија МАПАС. Значи, ние секогаш кога ги комуницираме резултатите од нашето работење во јавноста, ги комуницираме податоците коишто се јавно објавени и коишто се достапни за да можат да се проверат. Куповната моќ на пензиските заштеди реално се зголемила низ годините".
Асоцијацијата повика секој предлог за реформа да биде разгледан во отворена стручна расправа и оценет според ефектите врз членството и врз долгорочната одржливост на системот.
Фото: АДПФ


