Почетна
Македонија

Сиљановска‑Давкова во Анталија: За остварување на климатските амбиции, на Македонија ѝ е потребна меѓународна финансиска помош

На COP31 во Анталија претседателката рече дека земјата стреми кон неутралност до 2050, но дека амбициите се остварливи само со предвидлива странска помош.

·Македонија
Сиљановска‑Давкова во Анталија: За остварување на климатските амбиции, на Македонија ѝ е потребна меѓународна финансиска помош

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска‑Давкова, од говорницата на Светскиот самит за климатски промени (COP 31) во Анталија, Турција, порача дека Северна Македонија се стреми кон климатска неутралност до 2050 година, но за остварување на тие цели ѝ е потребна предвидлива меѓународна финансиска поддршка.

"Да заминеме од Анталија дури тогаш кога амбицијата ќе ја претвориме во конкретна имплементација, а солидарноста во вистински инвестиции," беше главниот повик што претседателката го упати на самитот.

NDC 3.0 и целите за 2035 година

Сиљановска‑Давкова посочи дека борбата со климатските промени е поставена како личен и политички приоритет, и дека преку широк национален дијалог помеѓу експертите, креаторите на политики и граѓанскиот сектор е подготвен третото Национално утврден придонес (NDC 3.0).

Со овој документ е поставена цел за намалување на нето‑емисиите на стакленички гасови за најмалку 80 отсто до 2035 година, со можност оваа бројка да достигне 82 отсто доколку се обезбеди соодветна меѓународна финансиска помош. Крајната цел е целосна климатска неутралност до 2050 година, што ќе биде поставено и како правно обврзувачка норма преку претстојниот Закон за климатски акции, ажурираниот Национален план за енергетика и клима, како и Патоказот за праведна транзиција.

Претседателката предупреди дека затворањето на капацитетите на јаглен и преминот кон чисти извори на енергија не смее да ги остави луѓето на цедило, посебно во услови на глобални конфликти и превирања на енергетските пазари. "Не можеме да ја заштитиме иднината на сметка на оние кои се соочуваат со тешкотии денес. Мораме да преминеме од јаглен на чиста обновлива енергија без да го зголемиме товарот на македонските семејства коишто веќе се соочуваат со енергетска сиромаштија, несоодветно греење и загаден воздух. Транзицијата којашто ги остава луѓето зад себе, ја поништува својата цел", потенцираше таа, ставајќи акцент на заштитата на жените, децата и младите.

Македонија даде поддршка за повеќе глобални иницијативи презентирани на самитот, меѓу кои се Глобалната заложба за електрификација 35 на 35, Договорот од Анталија за енергетски ефикасни згради, Договорот за зелена индустријализација и „Рио синергиите“. Сепак, Сиљановска‑Давкова беше децидна дека домашниот буџет не може сам да поднесе товар вреден милијарди долари и се повика на последниот извештај на Светската банка за клима и развој, кој лоцира потреба од огромни финансиски инјекции за декарбонизација.

"Мојата земја не може самата да ја финансира оваа трансформација. Нашата амбиција мора да биде усогласена со предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија и силни партнерства. Солидарноста мора да се мери не само со зборови, туку и со инвестиции што им овозможуваат на земјите подготвеност да дејствуваат. Ова не е повик да ја намалиме нашата амбиција, туку истата да ја направиме остварлива", заклучи претседателката.

Фото: Фејсбук-профил на Гордана Сиљановска-Давкова

Поврзани написи