Почетна
Македонија

Сиљановска-Давкова на COP31: Македонија ќе ги намали нето-емисиите за најмалку 80% до 2035

На Самитот во Анталија претседателката ја поврза амбицијата со Законот за климатска акција и повика на конкретни инвестиции за праведна транзиција.

·Македонија
Сиљановска-Давкова на COP31: Македонија ќе ги намали нето-емисиите за најмалку 80% до 2035

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Самитот за климатски промени COP31 во Анталија ја потврди засилената климатска амбиција на земјата и повика на предвидливо меѓународно финансирање кое ќе им овозможи на земјите да ги претворат целите во конкретни мерки.

Од кабинетот на претседателката информираат дека со третиот Национално утврден придонес (NDC 3.0) Македонија се обврзува на намалување на нето емисиите на стакленички гасови за најмалку 80% до 2035 година, со патека кон климатска неутралност до 2050 година.

Амбиции преточени во закони и планови

Сиљановска-Давкова посочи дека тие амбиции ќе се преточат во политики преку претстојниот Закон за климатска акција, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024–2044.

Таа нагласи дека енергетската транзиција мора да биде праведна и прифатлива, без дополнително оптоварување на семејствата погодени од енергетска сиромаштија и загадување, и дека треба посебно внимание да се посвети на жените, децата и младите. Претседателката ја изрази и поддршката за глобални иницијативи како Глобалната заложба за електрификација 35 на 35, Договорот од Анталија за енергетски ефикасни згради и Договорот од Анталија за зелена индустриализација.

Таа предупреди дека трансформацијата бара значајни инвестиции: според извештајот на Светската банка за клима и развој на земјата, потребите за декарбонизација и адаптација се изразени во милијарди долари. „Солидарноста мора да се мери не само со зборови, туку и со инвестиции што им овозможуваат на земјите подготвени да дејствуваат“, рече претседателката, додавајќи дека поддршката треба да вклучува достапен капитал, технологија и градење капацитети.

Во своето обраќање до лидерите на самитот таа порача: „Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат.“

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи