Почетна
Македонија

Австрискиот амбасадор: За успешни социјални реформи проблемот не е само во парите, туку и во недостигот на компетентни луѓе во администрацијата

Во посета на Дневниот центар „Гнездо“ во Скопје, австрискиот амбасадор нагласи дека функционалната администрација е клучна за одржливи социјални услуги.

·Македонија
Австрискиот амбасадор: За успешни социјални реформи проблемот не е само во парите, туку и во недостигот на компетентни луѓе во администрацијата

Австрискиот амбасадор во Северна Македонија, Мартин Памер, изјави дека за да има трајни социјални реформи не е доволно само да се обезбедат пари, туку е потребно да се зајакне и функционалноста и компетентноста на јавната администрација. Изјавата ја даде за време на посетата на Дневниот центар „Гнездо“ во Скопје.

Центарот „Гнездо“ го отвори невладината организација „Новинари за човекови права“ во мај минатата година, со поддршка од Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи на Австрија и во соработка со ЕКПАТ Австрија. Ова е прв центар од ваков тип во Македонија. Наташа Доковска од здружението рече дека Центарот работи во текот на неделата од 9 до 17 часот, дека вкупно се запишани 106 деца, од кои околу 35 редовно доаѓаат, и дека тука добиваат појадок и ручек.

Харалд Бреза-Фугер, аташето за социјални прашања, здравство, нега и заштита на потрошувачи во Австриската амбасада, предупреди дека непреченото и одржливо финансирање и недостигот на стручни кадри остануваат главни пречки.

„Исто така, кадрите во областа на заштитата на децата во центрите за социјална работа се далеку од доволни, особено во општините како Шуто Оризари или други области. Знаеме дека во моментот тече реформа во Центрите за социјална работа поддржана од УНИЦЕФ, и тие работат на концепт за подобрување на ситуацијата, условите за работа, но и платите на вработените во Центрите за социјална работа. Сепак, би рекол дека предизвиците се сѐ уште големи. Особено што се однесува до ромската заедница, потребни се многу напори. Сметам дека овој проект на ‘Гнездо’ и други проекти финансирани од австриското Министерство за социјална политика се примери за добра пракса кои покажуваат дека инклузијата е можно, дека намалувањето на сиромаштијата е можно, но тоа треба да се направи на посистематски начин, а исто така и доволното финансирање е едно од најважните прашања“, рече Бреза-Фугер.

Финансирање и администрација

Памер посочи дека Австрија е вклучена во реализација на низа конкретни проекти на ниво на граѓаните — во социјалата, здравството, трудот, туризмот, инфраструктурата, противпожарната заштита и образованието — и дека двостраната соработка ја поддржува и европската интеграција на земјата. За проектот „Гнездо“ се издвоени 15.000 евра, а вкупната финансиска поддршка за проектите што во моментов се реализираат е околу 1,1 милион евра.

„Проблемот не е толку во недостигот на финансиски средства, иако и тоа е присутно. Северна Македонија потенцијално има пристап до значителни финансиски средства и поддршка во многу различни области. Меѓутоа, меѓу сите овие прашања се наметнува и прашањето како да се управува со процесите, односно проблемот со јавната администрација. Таа, во одредена смисла, истовремено е и преголема и недоволно екипирана, во смисла дека нема соодветен број компетентни луѓе, кои се соодветно платени, посветени на својата работа и способни да ја организираат државата. Тоа е модел што во Австрија успешно функционира веќе подолг временски период. Секако, нашата ситуација е различна, бидејќи ние имавме многу помалку транзициски периоди и слично. Едно од главните прашања при реализацијата на конкретни проекти е обезбедувањето финансиски средства, а потоа и нивното претворање во конкретни активности преку луѓето што треба да ги спроведат. На прв поглед, тоа изгледа многу едноставно, но кога ќе започнете со реализација, работите веќе не се толку едноставни. Во суштина, она што се случува е дека дури и во рамките на мојата функција, честопати морам секојдневно или на неделно ниво да се осигурам дека луѓето навистина ги извршуваат своите работни задачи“, истакна амбасадорот Памер.

Македонската платформа против сиромаштија на 17 октомври, Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, објави дека речиси 22 отсто од граѓаните живеат под линијата на сиромаштија. Според нивните податоци, 29,5 отсто од децата живеат во сиромаштија, а 38 отсто од децата се во состојба на повеќедимензионална сиромаштија и живеат во услови ризични по здравјето, учењето, безбедноста и развојот на детето.

Фото: Центар

Поврзани написи