Ажурирана есенцијална листа на лекови по 11 години
Министерството за здравство додаде 109 нови активни супстанции и го смени терапевтскиот пристап, вклучително нова класификација за антибиотици.

По 11 години е ажурирана есенцијалната листа на лекови; претходната листа е од 2015 година, кажа денеска министерот за здравство Сашо Клековски. Обновувањето е извршено преку Националната платформа за лекови, во соработка со институциите, стручното здружение, организациите на пациенти и со техничка поддршка од Светската здравствена организација (СЗО).
Структура и суштински промени
Министерството појасни дека есенцијалната листа ги дефинира лековите кои треба да им бидат достапни на здравствените работници за лекување на најширок дијапазон болести и служи како водич за докторите, фармацевтската индустрија и при креирањето упатства и протоколи за лекување.
Новата листа е систематизирана во 28 терапевтски области и е дефинирана во подгрупи и фармацевтски форми. На неа се додадени 109 нови лекови (активни супстанции), со вкупно 372 лекови на листата, велат надлежните. Исто така, воведен е и променет терапевтски пристап и патишта за можни замени на постоечките лекови.
„Оваа листа имаше потреба да биде ажурирана претходно, бидејќи во овие 11 години Светската здравствена организација има направено неколку поголеми промени на својата листа. Всушност, потребата за ажурирање на оваа есенцијална листа е заснована од ажурирањето на есенцијалната листа на Светската здравствена организација. А што е ново во листата? Таа е систематизирана во 28 терапевтски области, дефинирана во подгрупи, фармацевтски форми итн. Ново не е само што имаме 109 нови лекови (активни супстанции) на оваа листа, од вкупно 372 лека кои се на оваа листа, туку новина е дека е сменет и терапевтскиот пристап. Воведени се патишта за можни замени на постојните лекови и воведени се неколку позначајни новини: Прво, кај антибиотиците се поделени во три групи: антибиотици со широк пристап, антибиотици под надзор и резервни антибиотици. Ова е основа за воспоставување на стратегијата за борба за рационална употреба на антибиотиците и борба против резистенцијата на антибиотици, и претставува значајна измена и придонес кон јавното здравје“, рече Клековски на прес-конференцијата.
Од министерството наведуваат дека ажурирањето ќе помогне да се одреди кои лекови треба да бидат достапни во земјата и кои лекови да се земат предвид при изработка на клинички упатства и протоколи.
Фото: К. Попов)


