Банки најавуваат технички приспособувања и можни привремени прекини во плаќањата овој викенд
Приспособувањата се поврзани со воведување на нови стандарди во денарскиот платен промет од понеделник, 9 ноември.

Македонската банкарска асоцијација соопшти дека во текот на претстојниот викенд сите банки ќе спроведуваат планирани технички приспособувања на своите системи во рамките на подготовките за примена на новите стандарди во денарскиот платен промет, кои почнуваат да се применуваат од понеделник, 9 ноември.
За време на спроведувањето на активностите, банките најавуваат можни привремени прекини или ограничена достапност на одредени услуги, посебно во платежните трансакции. Привремената недостапност ќе биде поврзана со овие однапред планирани системски прилагодувања.
Што се менува
Како што појаснуваат од Асоцијацијата, активностите се надоврзуваат на претходно најавените регулаторни промени, што се однесуваат на новите платни налози, шифрите за целта на плаќањето и користењето на платежните сметки во ИБАН-формат. Целта е банките да ги прилагодат своите системи за непречено користење на услугите.
– Целта на системските приспособувања е да се овозможи непречена примена на овие промени во секојдневното користење на платежните услуги. За време на спроведувањето на техничките активности, банките најавуваат можни привремени прекини или ограничена достапност на одредени услуги, особено во платежните трансакции. Привремената недостапност ќе биде поврзана со овие однапред планирани системски приспособувања. Точните термини на активностите, услугите што ќе бидат опфатени и очекуваното времетраење на ограничувањата ќе бидат наведени во одделните известувања на банките до своите клиенти – се вели во соопштението од Македонската банкарска асоцијација.
Асоцијацијата ги повикува граѓаните и компаниите редовно да ги следат официјалните комуникациски канали на својата банка и, доколку имаат плаќања кои треба да ги извршат во овој период, да ги планираат навреме според објавените информации. Банките дополнително нагласуваат дека постојните броеви на платежните сметки не се менуваат, а прилагодувањето на нивниот приказ и користење во електронското и мобилното банкарство ќе го направат банките.
Фото: прес-материјал од настанот


