БЈБ ја истражува бегството на Ива Михаилова во Бугарија
Директорот на БЈБ, Александар Јанев, вели дека полицијата проверува како Михаилова стигнала во Бугарија и дали некој ѝ помогнал.

Бирото за јавна безбедност (БЈБ) отвори проверка за околностите околу заминувањето на осомничената Ива Михаилова во Бугарија и за можноста некој да ѝ помогнал таа да ја напушти државата, потврди директорот на БЈБ, Александар Јанев, на прес-конференција на која БЈБ и АНБ истакнаа дека спречиле терористички чин и обид за атентат во Грција.
„Ние работиме на тоа да дознаеме кој, како и што овозможил дотичната личност да се најде онаму каде што е“, изјави Јанев.
Јанев појасни дека полицијата врши проверки со цел да се утврди како Михаилова стигнала на територијата на соседна Бугарија и дали при тоа биле направени пропусти или била обезбедена помош од трети лица.
Сѐ уште без јасни резултати за пропусти или осомничени
Директорот на БЈБ засега не изнесе информации дали истрагата открила конкретни пропусти во постапувањето на институциите, ниту дали постојат сомневања за лица кои ѝ помогнале на Михаилова да ја напушти државата.
Случајот отвори низа прашања за постапувањето на надлежните органи, особено бидејќи против осомничената се води кривична постапка и јавноста очекува одговори како таа успеала да замине во странство.
Претходно министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека биле прегледани снимките од безбедносните камери, но на нив не била забележана Михаилова како ја напушта територијата на Македонија. Надлежните велат дека истрагата треба да покаже како таа стигнала до Бугарија и дали во тоа ѝ помогнале други лица.
Фото: прес-материјал од настанот


