БРТ не смее да ги истисне пешаците и велосипедистите од скопските булевари – предупредува „На Точак“
Иницијативата бара јавна дебата, објавување на сите анализи и решавање прво на најтесните делници.

Граѓанската иницијатива „На Точак“ предупредува дека воведувањето на Брзиот автобуски превоз (БРТ) во Скопје не смее да се реализира на сметка на пешаците и велосипедистите и дека тие не можат да се третират како заменливи со автобуските ленти.
„Воведувањето на БРТ може да биде важен чекор за Скопје, но не смее да се претвори во изолиран проект за автобуски траси, туку треба да биде дел од интегриран систем со железницата, останатиот автобуски превоз, пешачењето и велосипедизмот. БРТ нема само да пренамени две автомобилски во две автобуски ленти, туку ќе го промени целокупното сообраќајно решение на дел од главните булевари“, велат од „На Точак“.
Просторот и изборот на решенија ќе одредат колку ќе се загрозат пешаците и велосипедистите
Нивната главна загриженост е како ќе се распореди веќе ограничениот простор на дел од скопските булевари. Иницијативата го споредува побогатиот профил на „Јане Сандански“, околу 60 метри, со потесните коридори како „Партизански одреди“, „Климент Охридски“, „Кочо Рацин“, „11 Октомври“ и „Кузман Јосифовски‑Питу“ кои имаат 30, 40 или максимум 50 метри.
„Булеварот 'Јане Сандански', со профил од околу 60 метри, овозможува различни решенија. Но, 'Партизански одреди', 'Климент Охридски', 'Кочо Рацин', '11 Октомври' и 'Кузман Јосифовски-Питу' се значително потесни, 30, 40, максимум 50 метри и ја немаат истата комоција. Концептот треба да почне од најслабите точки, односно од делниците каде просторот е најограничен, за да се избере решение со најмалку штета за останатиот транспорт“, предупредуваат од „На Точак“.
Како посебно проблематичен дел ја посочуваат зоната кај Буњаковец и Архитектонскиот факултет, каде тротоарите и велосипедските простори веќе работат на граница на функционалност и дополнително намалување би можело да доведе до конфликт меѓу пешаците и велосипедистите.
Иницијативата покренува прашања за позиционирањето на станиците и за типот на врати на возилата: дали ќе има десни врати и движење на БРТ во најлева лента, што може да ја зголеми потребата од градежни интервенции, или решенија со централни станици и леви/двоини врати кои можеби ќе бидат поскапи за возилата, но поефикасно ќе го искористат просторот и ќе ја намалат цената на инфраструктурата.
„Кое решение е подобро не треба да се одлучува само по принцип „што е подобро за постојните автобуси“, туку врз основа на конкретни податоци за времето на патување, трошоците и последиците врз целиот сообраќаен систем, oсобено пешачката и велосипедската инфраструктура“, се вели во соопштението.
„На Точак“ бара проектот од почеток да се планира така што ќе овозможи идно проширување и лесна адаптација на коридорите за трамвај, приоритет на семафорите за брзите автобуси и безбедни, пристапни станици и премини. Околината на станиците, според нив, треба да стане квалитетен јавен простор со зеленило, сенка, места за седење и безбедна велосипедска инфраструктура.
Главното барање на „На Точак“ останува целосна транспарентност и јавна дебата пред донесувањето на конечните одлуки: да се објави целото решение, профилите, анализите, алтернативите и податоците врз основа на кои ќе се избере опцијата. Нагласуваат дека не се против БРТ, туку бараат тој да се развива како интегриран, пристапен и одржлив транспортен систем, паралелно со унапредување, а не деградација, на пешачката и на велосипедската инфраструктура.
Градот распиша претквалификациски тендер за проектот БРТ, објави градоначалникот Gjorgievski.
Фото: прес-материјал од настанот


