Центар бара проектант за нова општинска зграда, проектот ќе чини 240.000 евра
Општината бара фирма за основен проект; изработката е проценета на скоро 15 милиони денари (околу 240.000 евра), а рокот за пријави е 27 август 2026.

Општина Центар распиша јавен повик за избор на проектантска куќа што ќе го изработи основниот проект за нова административна зграда, а општинската проценка е дека проектната документација ќе чини речиси 15 милиони денари, односно околу 240 илјади евра. Сите заинтересирани проекти треба да се достават најдоцна до четврток, 27 август 2026.
Во огласот се бара основниот проект да го почитува избраното идејно архитектонско решение од јавниот анонимен конкурс и да ја опфати и проекцијата за подземно паркирање.
„Ве известуваме дека во тек е постапката за избор на изведувач на основен проект. Конкретен датум ќе може да кажеме кога ќе заврши постапката за избор односно кога ќе се склучи договор. Во однос на прашањето за привременото сместување на вработените за време на изградбата, засега нема официјално утврден план за нивна релокација“ – соопштија од Општина Центар.
Земјиштето е во сопственост на општината
Градоначалникот Горан Герасимовски го вброи новиот објект меѓу трите капитални проекти што планира да ги реализира до крајот на својот мандат и посочи дека земјиштето на кое се наоѓаат бараките конечно е пренесено во сопственост на општината. „Изгубивме речиси две години за да го добиеме земјиштето. Откако го добивме во наша сопственост, знаевме дека сега можеме да отпочнеме и направивме конкурс за идејно решение“ – истакна тој.
Конкурсот за идејно решение се реализираше во 2024 година, при што првата награда ја доби решението под шифрата „Намат“ на авторите Нина Карангелеска-Тодоровска, Сара Ничота, Милена Шундовска-Четелева и Кристијан Ристовски. На основа на наградените решенија ќе се изработи основниот проект, по што ќе следуваат месеци за подготовка на градежна документација и распишување тендер за изведувач на објектот.
Според техничките параметри од огласот, објектот треба да има приземје и четири ката, минимум три пристапа и подземен паркинг на најмногу три нивоа со најмалку 300 паркинг места. Просторот пред објектот е предвиден како полујавен, со плоштад и зелени површини, а во рамките на проектирањето треба да се сочува постојниот влез од некогашното Матично. Општината нагласува дека целта е граѓанско-административна и отворена зграда, со простории достапни за невладини организации и подземно паркирање што ќе ја олесни состојбата со паркирањето во Дебар Маало.
Фото: Општина Центар