Почетна
Македонија

ЦУК: Патиштата проодни, екипите работат — извештај до 13:30

Главните и регионалните патни правци се проодни, но се одвива сообраќај во зимски услови; неколку планински села се без електрична енергија.

·Македонија
ЦУК: Патиштата проодни, екипите работат — извештај до 13:30

ЦУК: Патиштата проодни, екипите работат — извештај до 13:30

Како што информира Центарот за управување со кризи, до 13:30 часот главните и регионалните патни правци низ државата се проодни, но сообраќајот се одвива во зимски услови, со остатоци од кашест снег на одделни коловози и локализирани прекини на електричната енергија во планинските населби.

Состојбата по региони

Тетовскиот регион: Центарот за управување со кризи – Тетово известува дека сите магистрали и регионални патни правци се проодни. Сообраќајот е отежнат и се одвива во зимски услови, а на коловозите има остатоци од кашест снег. Во моментов нема забрани за движење; екипите на ЈП "Македонија пат" се на терен и вршат дополнително расчистување и проширување на коловозите.

Општина Тетово: патиштата во градот и пониските населени места се исчистени, а механизацијата е упатена кон повисоките планински населени места. Без електрична енергија се Попова Шапка, с. Лисец и с. Гајре. Во Брвеница сите регионални и локални правци се проодни, вклучително и патот до с. Гургурница; механизацијата е на терен и работи на дополнително расчистување. Во Горен Челопек, Долен Челопек и Милетино има прекини на електричната енергија.

Во Јегуновце патиштата се проодни и сообраќајот се одвива редовно, а во Желино нема наврнато поголемо количество снег и нема пријавени проблеми. Во Теарце патиштата се проодни без поплаки за нарушување на сообраќајот. Во Боговиње пониските патни правци се проодни; екипите работат на расчистување кон Урвич и Јеловјане, а без струја се селата Камењане, Палчиште и Калник.

Гостивар: патиштата во градот и во пониските населени места се исчистени и проодни. Екипите работат на расчистување кон повисоките населени места, за кои се очекува да бидат проодни во периодот од 16:00 до 17:00 часот. Во голем број села во областа се пријавени прекини на електричната енергија: Вруток, Ново Село, Цветково, Церово, Речане, Беловиште, Здуње, Градец, Горна и Долна Бањица, Сушица, Ѓоновица, Куново, Трново, Трница, Врбјане, Сенче, Волковија, Нистрово и Белица.

Врапчиште: екипите работат на расчистување на правците кон повисоките населени места (ѓурѓевиште, Врањовце и Ломница), а патиштата во пониските населени места се проодни. Маврово и Ростуше: во ростушкиот дел има снежна покривка од околу 3 до 4 сантиметри, додека во мавровскиот дел снежната покривка е поголема; екипите работат на расчистување во мавровскиот дел.

Кумановски, Кривопаланечки и Кратовски регион: Центарот за управување со кризи – Куманово известува дека патната инфраструктура во овие региони е проодна. Екипите за зимско одржување работат на расчистување и посолување на коловозите; во моментов нема врнежи. Во Куманово сите правци се проодни, Старо Нагоричане има снежна покривка од 3 до 5 см, Липково е прооден, а во Крива Паланка експресниот пат до граничниот премин Деве Баир е прооден; расчистувањето кон планинските села ќе продолжи утре. Во Кратово има повремени врнежи и околу 5 см снег во градот, додека во с. Мушково се измерени околу 15 см и движењето таму е со теренски возила.

Скопскиот регион: сите патишта се проодни, со влажни коловози и на одредени места кашест снег; екипите за одржување од раните утрински часови вршат посипување со сол. Штип, Битола, Струмица, Охрид и Велес: сите регионални и локални правци се проодни, со влажни коловози или слаби врнежи; на повисоките места во Велешко има околу 10 см снежна покривка, без поголеми проблеми.

Центарот за управување со кризи е во активна координација со сите надлежни институции по врнежите од дожд и снег. Оперативниот центар 112 е во целосна готовност и континуирано ги прима повиците од граѓаните за пријавување проблеми и итни ситуации; сите пријави навремено се проследуваат до надлежните служби. Преку Дежурниот оперативен центар на ЦУК се координираат активностите со цел навремено и ефикасно постапување.

"Апелираме до граѓаните, доколку се соочат со блокирани патишта, отежнато одвивање на сообраќајот, поплави или други итни ситуации, да го контактираат единствениот број за итни повици 112."

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи