Даути одби да ја напушти говорницата, службите ѝ го исклучија тонот
Пратеничката од Албанска лига го блокираше пленумот за да добие усмен одговор на писмено прашање

Работата на Собранието на Република Северна Македонија заврши во тензии пред колективниот летен одмор, откако пратениците на албанските опозициски партии ја блокираа денешната седница и не дозволија да се гласаат неколку точки. Центар на спорот стана пратеничката Илире Даути од Албанска лига, која инсистираше премиерот усно да ѝ одговори на писмено поставено прашање за Законот за правична застапеност.
Даути одби да се отстрани од говорницата и ги соочи колегите со остар став: “Нема да се мрднам од говорницата додека не добијам одговор. Седницата ја блокира премиерот. Да ми одговореше на прашањето, немаше повеќе да излегувам на говорница”.
Службите ѝ го исклучија микрофонот
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја потсети дека Деловникот не дозволува усмен одговор на писмено прашање и дека ако сакала усмена расправа требало да се пријави пред седницата. Кога Даути продолжи со процедурални забелешки, службите ѝ го исклучија тонот. Гаши појасни пред новинарите дека, според Деловникот, пратениците имаат право на една процедурална забелешка, иако тој ги дозволува и повеќе за да не се подгреваат тензии.
На говорницата со Даути се придружија и други пратеници, меѓу кои Зијадин Села и Ријад Шаќири, по што следуваше пауза. Тензискиот тон продолжи и по краткиот прекин. Од опозицијата, партиите од етничките заедници се собраа околу Законот за правична застапеност и побараа да се покаже дека мнозинството нема Бадентерово мнозинство, но Гаши го одложи гласањето тврдејќи дека е негова деловничка можност.
Пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи го коментираше конфликтот со зборовите: “-Ова е реципроцитет. Како мнозинството се однесува со опозицијата, така и таа со нив”. Во обид да ја смири атмосферата, координаторот на ВМРО‑ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна: “Според деловникот, не може на писмено поставено прашање, да барате усмен одговор. Ќе добиетеписмен одговор и ако не ви се допаѓа можете повторно да го поставите прашањето. Не може поради вас 119 пратеници да не можат да постават пратеничко прашање”.
Откако пратениците ќе се вратат од одмор, меѓу приоритетите за продолжение на расправите остануваат Законот за Скопје‑европска престолнина на културата, законите од областа на образованието и измените на Изборниот законик.
Фото: прес-материјал од настанот