Дејан Јованов – Деко предложен за сведок на судењето против деветмината полицајци за „Пулс“
Одбраната поднесе материјални и вербални докази, меѓу кои 16 документи и осум сведоци; обвинителството ќе се произнесе на следното рочиште.

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против деветмината полициски службеници поврзани со дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што одбраната ги образложуваше предлозите од своите доказни листи.
Одбраната предложи изведување повеќе материјални докази и распит на неколку сведоци, меѓу кои и Дејан Јованов – Деко. Според предлогот, сведокот треба да се изјасни за тоа дали се стекнал со противправна имотна корист и дали имал контакти или познанства со обвинетиот Боби Гидиоски.
Бранителите поднесоа документи и список на сведоци
Адвокатот Бранко Колев, бранител на обвинетиот Боби Гидиоски, по рочиштето информираше дека предложиле и материјални и вербални докази, меѓу кои околу 16 документи и осум сведоци.
„Како бранител на обвинетиот Боби Гидиоски имаме предложено многу докази, од кои материјални и вербални докази. Од материјалните предложивме околу 16 документи, додека од вербалните осум сведоци, меѓу кои е и Дејан Јованов – Деко, сопственик на дискотеката ‚Пулс'. Го предлагаме на околности затоа што застапникот на обвинението тврди дека обвинетите му дозволиле на Деко да стекне имотна корист која се изразува во плата која ја земал како вработен за шест месеци, па на таа околоност бараме да биде сослушан, дали тоа му е овозможено од обвинетите“ – изјави Колев.
Колев појасни дека дел од доставените документи се однесуваат на работењето на Министерството за внатрешни работи, односно СВР Штип, додека други документи се поврзани со проблематична информација за состојбите во дискотеката „Пулс“.
„Дел од документите се однесуваат на работењето на МВР, односно СВР Штип, додека останатиот дел се однесува на проблемска информација која што е прикриена од обвинетиот Боби Гидиовски како началник на СВР Штип, а која проблемска информација е доставена за проблемите во дискотеката ‚Пулс' кои ОВР Кочани ги имале во Кочани, меѓутоа таа проблемска информација е прикриена од обвинетиот на кој јас сум бранител“ – рече Колев.
Јавната обвинителка Спасенка Андонова најави дека на следното рочиште ќе се произнесе одделно за секој од предлозите на одбраната. Судот донесе решение главната расправа да продолжи утре во 12 часот.
Судењето против деветтемина полициски службеници се однесува на наводни пропусти при проверките и издавањето согласности за угостителскиот објект „Пулс“. Обвинителството тврди дека обвинетите не ги извршиле целосно потребните проверки за исполнување на безбедносните и законските услови, со што му овозможиле на објектот да добие и да користи лиценца за работа. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување и претходно пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Фото: прес-материјал од настанот


