Само половина од оризовата реколта во кочанско е ожнеана
Жетвата застана поради доцна сеидба и лошо време; земјоделците бараат Правилник за откуп и повисока цена.

Околу половина од оризовата реколта во кочанскиот регион е ожнеана, велат земјоделците. Нивите посеани порано и напојувани со вода од реката Брегалница главно се собрани, додека површините во атарите Спанчево, Соколарци и Бање се уште делумно зелени и се во тек со жетвата поради доцна сеидба и штети од слана.
Доцнења поради време и термини на сеидба
Производителите велат дека жетвата застана во последните денови поради дождливото време. „Моментално жетвата е завршена околу 50 посто. Причина се временските неприлики, бидејќи гледате и сами дека последните денови се дождливи, така да два дена немаме веќе жетва. Коровот е намален за 50 проценти од ланската реколта, така да земјоделците не се задоволни од родот, но треба да го собереме, колку е, толку е“, вели оризопроизводителот Тони Максимов.
Оние кои посеале порано ги имаат и повисоките приноси во споредба со оние кои сееле во мај; дел од површините посеани доцна сè уште не сазреале и не може да се ожнеат.
Официјално нова производна цена за годинава сè уште нема. Ланската калкулација им беше 25 денари за килограм арпа, а годинава очекуваат да се зголеми од 28 до 29 денари поради повисоките трошоци за производство.
Земјоделците бараат донесување и строго применување на Правилник за откуп како мерка за заштита на оризовата култура во регионот. „Имаме барање до министерството за земјоделие и до владата да направат Правилник за откуп и овој период кога ќе почне да се откупува оризот, сите откупувачи према ланската реколта што имаат откупено, колку имаат откупено, во овој период исто да го земат за откуп, а не да тактизираат. Тие тактизираат и на друг начин, бидејќи имаат нивно производство и тогаш од нас оризопроизводителите не го зимаат тоа производство, нивното си го преработуваат, нивно си го даваат, а чекаат цената да ја намалат кај нас за да можат потоа да го земат“, додава Максимов.
При последната посета на овој регион, премиерот Христијан Мицкоски повика откупувачите да се однесуваат фер, оти, како што порача, граѓаните и оризопроизводителите се однесуваат фер кон нив, а во спротивно ќе бидат „ригорозно казнети“.
Фото: прес-материјал од настанот


