Делови од спот на Дон Џони снимени во „Македониумот“ — споменикот отстапен за 500 евра
Музејот вели просторот е отстапен по претходна одлука на Управниот одбор; Управата за заштита тврди дека не е поднесено барање.

Делови од музичкиот спот на косовскиот рапер Дон Џони биле снимани внатре во споменикот „Македониум“ во Крушево, а просторот, според потврдите од музејот, бил отстапен на продукцијата за околу 500 евра за неколку часа.
Управата за заштита: нема доставено барање
Директорот на Историскиот музеј „Крушево“, Миха Оџаклиески, во писмена изјава вели дека просторот е отстапен врз основа на претходна одлука на Управниот одбор и дека не е првпат да се користи објектот за платени снимања. Тој рече дека терминот „изнајмување“ е прегруб бидејќи, според него, установата само го отстапила просторот за потребите на снимањето.
Во врска со прашањето за еротските сцени со кревети и играње во видеото, Оџаклиески нагласува дека тие не се снимени во „Македониумот“, туку на други локации. "Сцените со кревети и играње не се снимени во ‘Македониумот’, туку на други локации, бидејќи спотот е сниман на повеќе места во Македонија. Тие имаат доставено до нас објаснување дека просторот ќе се користи за снимање спот", навел директорот во писмената изјава за телевизија Сител.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, за телевизија Телма потврди дека до таа институција не било доставено барање за користење на заштитениот објект за снимање. Таа појаснила дека Управата постапува по барања за фотографирање и филмско снимање во објекти под заштита и дека барањето може да биде одбиено доколку се оцени дека станува збор за настан или содржина што не спаѓа во категоријата културна манифестација.
За сумата за отстапување, директорот објаснил дека немаат однапред утврдена фиксна цена и дека тоа зависи од бројот на часови: "Немаме точно оформена цена, се отстапува на час, на пример за околу 500 евра за 5-6 часа. Таква одлука претходно има донесено Управниот одбор, односно просторот да се отстапува, а за тоа да се наплаќа соодветна цена. Тие пари ги користиме за одржување на културно-историските објекти, вклучително и ‘Македониумот'", вели директорот на Историскиот музеј „Крушево“.
„Македониумот“ е дело на брачниот пар Јордан и Искра Грабуловски и беше отворен на 2 август 1974 година, по повод 30-годишнината од Првото заседание на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание. Во комплексот се наоѓа и вечниот гроб на револуционерот Никола Карев. Споменикот со години има проблеми поради протекување и оштетувања; Владата во септември минатата година најави дека ќе издвои 2,5 милиони денари за интервентна заштита, а целосната реконструкција и конзервација требаше да се финализира до средината на оваа година. Летово почна поставување метална конструкција на витражите за заштита од атмосферски влијанија, што предизвика реакции и критики дека „Македониумот“ изгледа како да е зад решетки.
Дел од спотот бил снимен во февруари, а во видеото се гледаат кадри од внатрешноста кои ја потврдуваат употребата на делови од комплексот за снимањето.
Фото: Архива


