Демографското празнење: училишта во струшкиот регион затворени поради недостиг на деца
Во Нерези 0 деца, во Богојци и Поум по 3, во Џепин само 4 — затворањата оставија наставници без договори

Оваа есен училиштата во селата Богојци, Поум, Џепин и Нерези во струшкиот регион останаа заклучени поради недостаток на ученици. Во Нерези немаше ниту едно дете, во Богојци и Поум имаше по три, а во Џепин само четири ученици — бројки кои не дозволија ниту формирање на редовна, ниту на комбинирана паралелка.
Внатре не заѕвони училишното ѕвонче; нема ни минимални услови за работа на училишен оддел. Празните клупи и тивки училници се локална слика на пошироките демографски трендови кои постепено ги празнат руралните средини низ државата.
Социјален удар врз наставниот кадар
За Муштеба Велиу, кој цели 42 години работел во едно од овие училишта, сликата е нереално тажна. Тој цели четири децении се грижел за одржувањето на објектот и овај месец заминува во пензија — токму во периодот кога училиштето засекогаш ги затвори вратите.
Затворањето донесе и директен социјален удар: околу 35 наставници и друг образовен кадар останаа без договори за работа. Многумина беа ангажирани со договори на дело со години, но со исчезнувањето на учениците исчезна и основата за нивното ангажирање.
Од локалната самоуправа посочуваат дека законски нема можност за формирање на паралелки кога бројот на деца е под минималниот прописан праг, ниту пак за продолжување на хонорарните договори. Поради тоа, преостанатите ученици од овие села сега секојдневно патуваат до најблиските централни училишта.
Сликата од струшкиот регион е само микро-слика што потврдува дека демографската криза повеќе не е статистика на хартија — таа ги празни селата, ги затвора училишта и остава голем број просветни работници без егзистенција.
Фото: прес-материјал од настанот


