Денес е празник на Светите маченички Вера, Надеж и Љубов — мајките да ги почестат ќерките
Црковниот и народниот спомен на маченичките повикува на молитва, мир во домот и внимание кон ќерките.

Денес православната црква ги одбележува спомените на Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија — личности од вториот век чија легенда и жртва се пренесувале преку векови и во народната традиција се поврзани со мајчинството и со ќерките.
Краток преглед на житие
Според црковното предание, Софија била вдовица во Рим која ги воспитувала своите три ќерки во христијанската вера. Во времето на царот Хадријан, кога христијаните беа прогонувани, Вера (12), Надеж (10) и Љубов (9) беа изведени пред царот и им беше побарано да принесат жртва на божицата Артемида. Девојчињата одлучно ја исповедаа својата вера, беа подложени на маки и убиени; Софија ги зеде нивните тела, ги погреба надвор од градот и по три дена и ноќи молитва си замина во вечноста.
Пред страдањето, мајката ги утврдуваше со зборовите што се зачувани во традицијата: „Вашиот небесен љубител Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и живот бесмртен. И кога вашите тела ќе бидат убиени во маки, Он ќе ве облече во нераспадливост и раните на вашите тела ќе светнат на небото како ѕвезди.“ Токму тие зборови често се истакнуваат во богослужбите и во народните повици на верниците.
Во народот овој ден е повеќе посветен на жените: мајките се советуваат да ги развеселат своите ќерки со внимание, прегратка или некоја ситница — не толку материјална колку искрена љубов и присуство. Исто така постои верување дека треба да се избегнуваат лоши мисли, кавги и лоши дела, а домот да се исполни со мир и простување.
Верниците обично одат во црква, палат свеќи и се молат за заштита на семејството од искушенија, болести и неволји. Македонската православна црква истовремено го слави и споменот на Светите маченички Теодотија и Агатоклија, чии житија исто така се дел од локалната црковна традиција.
Приближувањето кон животот на овие светители поставува едноставно прашање за секојдневието: колку вера, надеж и љубов умееме да дадеме еден на друг кога животот нè става на испит? Денешниот празник е покана тие добродетели да се применат во семејството, а истовремено да се одржи сеќавањето на нивната жртва.
Тропар: Блажени сте вие, о маченички Христови, Вера, Надеж и Љубов, ќерќи на Софија,која е напоена од Мудроста, ве приведе не само кон очистување, туку и кон полнота на благодатта, молете се за нас, о вие деца на верата, ученици на надежта, исполнување на љубовта, за поучени од Мудроста одозгора, да оддолееме на минливите понуди од овој свет.
Фото: прес-материјал од настанот


