Нови апсења за семејно насилство во Гевгелискиот регион по трагедијата кај Богданци
Два случаи на насилство во гевгелискиот регион доаѓаат во сенката на 3 ноември и црната статистика за семејно насилство.

Полициските службеници од гевгелискиот регион во изминатите денови извршија два апсења поврзани со родово базирано и семејно насилство, само неколку дена по трагедијата што се случи кај Богданци.
Во еден од случаите, вчера во 12:30 часот во едно гевгелиско село беше лишен од слобода 72-годишник по пријава дека агресивно се однесувал кон својата 60-годишна сопруга. При алкотестирањето со дрегер било утврдено 2,22 промили алкохол во организмот; тој бил задржан во Полициската станица Гевгелија и за настанот бил известен јавен обвинител.
Истиот ден, во 19:40 часот во Гевгелија, со лисици на рацете завршил и 36-годишниот Ф.П., откако полицијата пријави дека континуирано ја следел, демнел и агресивно ја вознемирувал својата 43-годишна поранешна партнерка. Тој беше приведен и експресно изведен пред судија од Основниот суд во Гевгелија.
Трагедијата во Богданци и претходните пријави
Овие брзи интервенции доаѓаат во момент кога јавноста во регионот, но и во целата држава, сè уште е во шок од настаните од 3 ноември во соседното Богданци. Кај местото „Ичева чешма“ во Горно Село беше пронајден опожарен автомобил во кој изгорела 17-годишна девојка, додека покрај возилото било пронајдено безживотното тело на 21-годишно момче.
Првичните индиции на Јавното обвинителство укажуваат на брутално убиство и самоубиство. Особено загрижува што на трагичниот исход му претходеле пријави за физички напад и загрозување уште крајот на септември и во октомври, а за момчето биле изречени и мерки за заштита кои не успеале да го спречат најлошото.
Податоците на надлежните институции и граѓанскиот сектор покажуваат дека проблемот е системски: секојдневните билтени на МВР бележат во просек помеѓу 8 и 12 пријави за семејно насилство во рок од 24 часа, а на годишно ниво се евидентираат меѓу 1.200 и 1.500 кривични дела и прекршоци од оваа област. Од 2018 до 2025 година се регистрирани над 44.700 случаи со елементи на семејно насилство, во кои за жал згаснале 42 човечки животи. Граѓанските организации бараат не само брзи апсења, туку и строги казни и навремена институционална заштита за да не постои повеќе жален исход.
Фото: прес-материјал од настанот


